Напаѓачот од Берлин четири години лежел в затвор во Италија

Тунижанецот кој е осомничен за терористичкиот напад во Берлин, поминал четири години во затвор во Италија, а потоа бил пуштен на слобода затоа што не можеле да го депортираат.

Дваесет и четиригодишниот Анис Амри е осомничен за нападот со камион извршен во понеделникот во Брелин, кога беа убиени 12, а повредени 48 лица.

Амри побегнал во Италија по „Арапската пролет“ во 2011 година во Тунис, кога од власт беше соборен Зине ел Абидине бен Али.

Како што пренесуваат светските медиуми, италијанските власти сакале да го депортираат Амри откако ја отслужил затворската казна која му била изречена за повеќе дела, но тоа било невозможно бидејќи не поседувал документи од која земја потекнува.

Казната ја отслужил во затвор во Палермо, а италијанските медиуми јавуваат дека и во затворот бил насилен, но оти не покажувал знаци на радикализација.

По отслужувањето на казната во 2015 година, бил префрлен во центарот за идентификација, во исчекување на документи од Тунис кои никогаш не стигнале. По истекот на законскиот рок, морал да ја напушти Италија.

Во Германија пристигнал како бегалец во 2015 година, а годинава му било одбиено барањето за азил.

Германските медиуми јавуваат дека бил на листата на потенцијални извршители на терористички напади и оти бил во контакт со Исламска држава.

Германија вчера понуди 100.000 евра за информација што би довела до апсење на Амри. Објавени се и негови фотографии, со напомена дека може да биде насилен и вооружен.

Извор:meta.mk