Арсова: Урбаната мафија ќе гради хотел во заштитениот зелен појас во Лагадин

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и познатата алпинистка и активистка за заштита на природните богатства, Илина Арсова, предупредуваат дека во охридската населба Лагадин ќе се гради хотел во заштитениот зелен појас.

„И покрај приговорот што жителите на Лагадин го потпишаа со 99-процентно учество, противејќи се на урбанизацијата на крајбрежјето и на непланското менување на деталниот урбанистички план, односно, по ново, општиот акт за село Лагадин, и покрај сите препораки на УНЕСКО и на Министерството за животна средина, урбаната мафија во соработка со корумпираната Општина Охрид продолжува по свое. Ќе се гради хотел во инаку заштитениот зелен појас во населба т.е. село Лагадин“ – вели Арсова.

Екологистите се особено изненадени што градителите се поддржани и од холандскиот тур-оператор ТУИ, кој во светот пропагира заштита на природата.

„Никому ништо не му значи и масовно потпишаната петиција и реакциите на туристите, кои не сакаат медитерански плажи, туку ја претпочитаат недопрената природа во Охрид. Секторот на урбанизам при Општина Охрид уште еднаш ја покажа својата нетранспарентност и корумпирана активност во полза на нечии интереси, а на сметка на месното население, што е казниво со закон“– појаснува Арсова.

Извор: meta.mk