Едно лице загина, а две се повредени во сообраќајка на патот Охрид – Кичево

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што вчера во 14 часот и 35 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево кај крстосницата со локалниот пат за селото Издеглавје. Од здобиените повреди, на лице место починала Даница И. (74) од Охрид, а нејзината смрт е констатирана од медицинска екипа од Брза помош. Во сообраќајната незгода со тешки телесни повреди се здобиле Б.Н. (68) и Р.И. (74), двајцата од селото Велмеј општина Дебрца кои се задржани на лекување во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Со полесни повреди се здобил И.С. (37) од Пробиштип кој, по укажаната медицинска помош во болницата „Св.Еразмо“ е пуштен на домашно лекување.

Сообраќајната незгода се случила во момент кога патнички автомобил „Опел Астра“ управуван од Р.И. се обидел да се приклучи од локалниот пат од Издеглавје на магистралниот пат во правец кон Охрид. Во ова возило, како сопатници биле сега починатата Даница И. и сега тешко повредената Б.Н. Во моментот на приклучување кај крстосницата на локалниот со магистралниот пат, се случил судар на автомобилот „Опел Астра“ со патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со штипски регистарски ознаки управувано од И.С. кое, по магистралниот пат се движело во правец од Охрид кон Кичево.

Во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи, на местото на сообраќајната незгода извршен е увид, пришто, полициски службеник вршеше наизменично регулирање на сообраќајот и немаше застој во одвивањето на сообраќајот.

Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција и дополнително вештачење врз патничките автомобили.