Денес во Градската библиотека “Браќа Миладиновци” се одржа промоција на збирката поезија од проектот „Млади поети”. Истовремено беа доделени и наградите за најдобрите творби. На настанот присуствуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт, како и членовите на комисијата за избор од Друштвото на писатели на Македонија.
Oвој проект Агенцијата за млади и спорт го остварува трета година по ред и како што рече директорот Марјан Спасески, интересот кај младите за творење, како и квалитетот на творбите кои пристигнаа на адреса на Агенцијата е оправдан показател за постоење на проекти од ваков тип. Тој се заблагодари на соработката со членовите на Друштвото на писателите на Македонија, кој имаа задача да во редот од стотина пристигнати творби, ги изберат најдобрите три остварувања кои освоија и парични награди.
-Симболична е сумата за наградените, но најголема награда за сите творци е самото издавање на збирката која обезбедува трајно зачувување на секој пишан збор и можност да се збогати и онака богатата литературна ризница на македонското творештво. Ентузијазмот кај младите вљубеници во пишаниот збор дава повод за продолжување на проектите за млади кој Агенцијата за млади и спорт ги промовира во се поголем број, рече Спасески.