Завршен проектот за зајакнување на физичката безбедност на складот Еребино

Денес во складот Еребино со свечена церемонија беше одбележано успешното завршување на проектот „Подигнување на нивото за физичката безбедност на складот Еребино“.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски во обраќањето пред присутните истакна дека реализацијата на овој проект е резултат на потребите на Министерството и Армијата на Република Македонија и веќе воспоставената соработка со UNDP, SEESAC и ЕУ, во насока на реализација на проектите поврзани со Конвенцијата за забрана на касетна муниција. „Република Македонија континуирано врши активности за имплементација на обврските кои произлегуваат од релевантни Конвенции. Нашата земја има активна улога во овој процес особено во однос на Конвенцијата од Осло од 2008 година“ – рече министерот Јолевски. Во оваа прилика тој изрази благодарност до овие организации поради одличната соработка пред и за време на имплементацијата на целиот проект, но и за претходно завршениот проект, а кој се однесуваше на ослободување од резервите на касетна муниција со која располагаше Армијата на Република Македонија.

„Се надевам дека оваа соработка со регионалните организации вклучени во контрола на вооружувањето ќе продолжи и во иднина. Успешната реализација на овој Проект, за нашата земја е потврда за индивидуалните и заедничките напори во духот на меѓународните регулативи за контрола на вооружувањето“ – додаде Јолевски.

На денешната церемонија се обрати и резидентниот координатор на ОН и резидентен претставникот на UNDP, Луиза Винтон која во оваа прилика потенцира: „Горди сме на нашата регионална програма SEESAC која игра значајна улога во борбата против пролиферација на незаконско оружје во земјава и низ целиот регион на Југоисточна Европа“.

„Европската Унија како една од водечките меѓународни актери во борбата против недозволена акумулација и пролиферација на оружје, става голем акцент на борбата против оваа закана во рамките на нејзините граници, во своите погранични региони и на глобално ниво“ – рече Тибор Варади, претставник на Делегацијата на ЕУ за РМ.

Тој додаде дека е охрабрувачки да се види дека Република Македонија и Министерството за одбрана ги применуваат силните, сигурни и ефикасни системи за контрола и управување со мало и лесно оружје кои се предуслов за борба против недозволена пролиферација и трговија со оружје.

Заменик началникот на ГШ на АРМ, Мухамет Рацај во своето обраќање пред присутните рече дека со овој проект се спојува човечкиот фактор и современата техника која ќе овозможи полесно и поефикасно обезбедување на објектите на АРМ, а со тоа и рационализација при ангажирањето на жива сила при физичкото обезбедување.

Овој проект е реализиран врз основ на воспоставената заемна соработка помеѓу Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и SEESAC (South East Europe Clearing House for Small Arms and Light Weapons) Центар за мало и лесно вооружување на земјите од Југоисточна Европа, UNDP и Европската Унија.

dsc_5720_resize-1_cr