Пијанистката Инес Неделковска на средба со министерката за култура Канческа-Милевска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја прими тринаесетгодишната македонска пијанистка Инес Неделковска, која, како добитник на првата награда во нејзината категорија на светскиот натпревар за млади таленти „American Protege“ во Њујорк, неодамна настапи на една од најпрестижните сцени во светот, Карнеги хол. По настапот, Инес беше прогласена и за најдобар учесник на натпреварот и и беше доделена наградата Гран при од жирито.

На средбата министерката Канческа-Милевска на Инес и ја честиташе наградата која, како што рече, е потврда за големиот талент и трудољубивост како високиот професионализам на врвната пијанистичка школа на нејзината професорка.

Таа додаде дека Министерството за култура ја препозна уметничката вредност што од година во година ја гради Инес Неделковска, која за неа лично многу ќе значи, а особено за државата и и посака уште многу успеси во наредниот период.

Настапот на Инес во Карнеги хол, која е добитник и на повеќе државни и меѓународни награди, беше поддржан од Министерството за култура.

ines_nedelekovska_640_-2