По повод новогодишните празници, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски упатува честитка до вработените во Министерството за одбрана, припадниците на Армијата на Република Македонија и сите граѓани.
„Изминатава година, вие припадниците на Армијата уште еднаш покажавте и докажавте дека заслужено ја имате најголемата довербата од граѓаните на Македонија.
Вашата подготвеност и решителност се покажа на дело во периоди кога тоа им беше најпотребно на граѓаните особено за време на трагичниот настан кој го зафати скопскиот регион, но и предизвика сериозна опасност по жителите од тетовскиот регион. Како поддршка на припадниците на Граничната полиција во зачувување на нашата граница од нелегално преминување успеавте да спречите повеќе од 20000 мигранти. Но, нема да ги заборавиме и вашите колеги кои беа и оние кои се денес во мисија во поддршка на мирот. Благодарение на вас почитувани припадници – амбасадори на мирот, нашата земја, Република Македонија е дел од земјите кои ги споделуваат човековите вредности.
Во годината што изминува во Министерството започнаа неколку значајни процеси, чии резултати ќе ги видиме во следните неколку години. Најзначајен е процесот на модернизација, и првата опрема ќе почне да пристигнува во 2017 година.
Пред нас секогаш ќе има нови предизвици кои само заеднички ќе можеме да ги надминеме. Тоа е нашиот мотив да покажеме дека сме подготвени да се соочиме и да ги реализираме задачите и проектите кои не очекуваат, а со тоа да придонесеме за колективен напредок на Република Македонија.
Со искрени желби, најнапред за добро здравје, љубов, среќа, вам и на сите граѓани на Македонија им посакувам успешна Нова година.
Среќна нова 2017 година!“- стои во честитката.