Свети Наум Охридски

Главниот празник на Свети Наум Охридски се одбележува на 23 декември – по стар календар или 5 јануари по нов календар, а на 20 јуни по стар или 3 јули по нов календар е летниот празник или Собор на светителот.

Свети Наум Охридски Чудотворец, бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Основач на манастирот на Светите Архангели, денешен Свети Наум. Роден е во првата половина на IX век.

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа и учител од 886 до 893. Бил ученик на браќата Кирил и Методиј, во 893 година кога Свети Климент бил назначен за словенски епископ, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Наум Охридски. Во Македонија, во Охридската книжевна школа, Наум Охридски успешно ја продолжил целокупната дејност на Климент Охридски, а изградил и манастир во близината на Охрид. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбирал во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи.

Свети Наум Охридски Чудотворец починал на 23 декември 910 година во манастирот „Свети Наум“, на брегот на Охридското Езеро, а култот за него започнал да се шири во Македонија, во јужнословенските средини, како и во Албанија и Грција.

WebOhrid