Хидробиолошкиот завод Охрид ќе соработува со Музејот на езерото Бива од Јапонија

Утре (17.01.2017 година-вторник) во 11 часот, во Хидробиолошкиот завод Охрид, на пригодна работна средба ќе биде потпишан Договор за воспоставување научна соработка меѓу Хидробиолошкиот завод – Охрид и Музејот на езерото Бива од Јапонија. Договорот за соработка ќе го потпишат директорот на Хидробиолошкиот завод д-р Елизабета Велјаноска Сарафилоска и директорот на Музејот на езерото Бива д-р Тори Шинохара.

Иницијативата за потпишувањето на договорот и воспоставување на научна соработка меѓу двете институции доаѓа од страна на Амбасадата на Република Македонија во Токио, со чија подршка, но и со поддршка на општина Охрид и градоначалникот Бакрачески, како и со поддршка на ХБЗ, беше овозможена посетата на јапонската делегација на Охрид. Првиот резидентен Амбасадор на Република Македонија во Јапонија, д-р Андријана Цветковиќ, во изминатите две години посветено работеше на воспоставување на контактите меѓу Хидробиолошкиот завод – Охрид и Музејот на езерото Бива, остварувајќи бројни средби со претставници од двете институции и општина Охрид. Таквите заложби резултираа со утрешното поставување на основите за плодотворна соработка меѓу двете научни институции. Потпишувањето на Договорот за соработка е уште еден чекор напред во зајакнувањето на македонско – јапонската билатерална соработка во научната област, со кој се овозможува размена на научни искуства и заеднички проекти меѓу двете институции.

Имајќи предвид дека во состав на Музејот на езерото Бива има Научно – истражувачки центар, предвидено е соработката да се одвива на две нивоа: научно – истражувачка и музејска. Во делот на научно-истражувачката соработка ќе се вршат заеднички испитувања на ретки ендемски видови и старост на езерата (Охридското Езеро припаѓа меѓу најстарите и најголеми езера во Европа, а езерото Бива претставува најголемото слатководно езеро во Јапонија), додека во делот на музејската соработка предвидено е претставување на Охридското Езеро во Музејот на езерото Бива. За таа цел, во постојаната поставка во Музејот на езерото Бива ќе бидат изложени фотографии, историски артефакти или реплики поврзани со животот на мештаните како чунови, јадици, мрежи, и други историски предмети поврзани со Охридското Езеро.

Во состав на јапонската делегација од Музејот на езерото Бива, предводена од директорот на музејот д-р. Тори Шинохара, се и д-р. Кеиичи Такахаши заменик директор на музејот, Тошики Фуџимура -Виш соработник на директорот и раководител на одделението за обнова како и истражувачот д-р. Робин Џејмс Смит.