Иванов: Неопходна е соработка на нашите безбедносни сили со Египет

Неопходна е соработка на нашите безбедносни сили со Египет, и нашите армиски сили, која досега е извонредна, оцени претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој во Египет учествува на меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и насилство.

„Досега имаме навистина исклучителна соработка во сферата на безбедноста, затоа што разменуваме информации и искуства во врска со заканите што ги имаме и Египет и ние. Египет, во неговото опкружување има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде ја чува долината на Нил од Рогот на Африка каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа”, изјави претседателот Иванов, додавајќи дека армиите на двете земји ја имаат една од клучните улоги.

„Нивната Армија има улога каква што има и нашата Армија. Како што нашата Армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција”, посочи македонскиот претседател во изјавата.

Претседателот Иванов изјави дека според извештаите на ОН, бројот на жители во Африка постојано ќе се зголемува и дека со овие закани ќе се соочуваме и идните години и децении.

„Состојбите во Африка се уште не се стабилизираат, и тоа ќе доведе многу млади луѓе да одат по потрага по среќа, односно ќе се упатуваат кон Европа”, изјави претседателот Иванов.

„Македонија како земја ќе продолжи да учествува на вакви форуми и да дава свој придонес, со тоа што ние го имаме како искуство, во справувањето со илегалната миграција и со заканите од екстремни и терористички групи”, порача македонскиот претседател.

„Тоа им е неопходно на многу земји, затоа што многу се затекнати од оваа состојба и се уште немаат решение како да се справуваат со сиве овие предизвици”, изјави претседателот Иванов, истакнувајќи дека Република Македонија и Египет ја интензивираа соработката во повеќе области од заеднички интерес и дека на средбата со претседателот Ал Сиси, разговарале за унапредување на првната рамка со цел продлабочување на соработката и во областа на туризмот, земјоделието и образованието.

Оваа работна посета, што следи по официјалната посета на македонскиот Претседател на Египет, македонскиот претседател ја оцени како исклучително успешна.

Претседателот Иванов истакна дека целта на ваквите форуми е да се изнаоѓаат заеднички решенија и начини за надминување за предизвиците и спротивставување на заканите на 21 век со кои се соочуваат сите земји во светот.