Кој има обврска да поднесе Годишна даночна пријава?
Задолжително поднесете Годишна даночна пријава (образец ПДД-ГДП) најдоцна до 15-ти Март 2017 година, доколку во изминатата 2016 година, освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, сте оствариле и дополнителни приходи од:
– кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп);
– авторски права;
– индустриска сопственост;
– исплатена дивиденда;
– капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот;
– поединечна добивка од општи игри на среќа (лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа) во износ поголем од 5.000 денари;
– игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници;
– интернет (е-трговија; услуги извршени преку специјализирани страни пр. www.freelancer.com, www.upwork.com и др.; поставување на реклами на сопствени интернет страни; прогнози (дојави) на типови за спортски натпревари);
– лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија;
– работно сте ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација…; и
– други дополнителни приходи, надвор од вашата редовна плата или пензија.
Побарајте збирна пресметка од работодавачот кој ви исплаќал приходи во 2016 година!
Работодавачот, односно исплатувачот на приходот, кој ви исплатил приход во изминатата година, има законска обврска најдоцна до 25 јануари 2017 година да ви издаде збирна пресметка во која ќе бидат искажани вкупните износи на исплатени приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2016 година.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) издава податоци за исплатите, односно збирна пресметка на годишната бруто пензија, социјални придонеси и персонален данок
Фондот за здрaвствено осигурување (ФЗО) издава податоци за исплатите, односно збирна пресметка на годишнoтo породилното боледување, социјални придонеси и персонален данок.
Збирните пресметки се неопходни за да можете точно и навремено да ги пријавите приходите во Годишната даночна пријава.
Како и каде да ја поднесете Годишната даночна пријава?
Годишната даночна пријава е бесплатна и можете да ја преземете од веб страницата на УЈП (кликни http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21).
Во Годишната даночна пријава (образец “ПДД-ГДП“) е овозможен компјутерски внес на податоците во бараните полиња. Откако ќе ги пополните податоците, отпечатете ја пријавата во 2 примерока.
Доколку сте регистриран корисник на системот е-Даноци, Годишната даночна пријава пополнете ја он-лајн и поднесете ја електронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk
Следете го упатството за пополнување кое е составен дел на Годишната даночна пријава. Корисен водич при пополнување на пријавата е Брошурата „Годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход“ (преземи http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/2) во која детално е опишано како да ги пополните податоците во секое поле, но и најчестите прашања и одговори на граѓаните при пријавување на приходите и оданочувањето со персонален данок на доход.
Пополнетата Годишна даночна пријава можете да ја поднесете и во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта. За точна адреса и локација на даночните канцеларии кликнете http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/makedonija
Напомена: Во случај да ја поднесувате вашата пријава преку пошта поднесете еден примерок, а доколку поднесувањето решите да го извршите на шалтерите во УЈП поднесете два примерока.
За повеќе информации контактирајте не преку Инфо центар 0800 33 000.