Саемското претставување на туризмот на Република Македонија за 2017та година почна со саемот за туризам во Утрехт, Холандија, каде Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија како и секоја година, така и оваа ја промовираше туристичката понуда на земјава.
Ова е еден од најголемите саеми во Европа кој овозможува вмрежување и полесна размена на контакти со скоро сите земји од светот, а тоа претставува и одлична можност и за приватниот сектор да оствари соработка со тур- оператори, туристички агенции и национални органзации од целиот свет.
За време на саемот за туризам, делегација на Агенцијата за туризам оствари средба со бројни тур-оператори од Холандија меѓу кои и Cyclo Travel, NKC, D Travel, Running Tours, Adriatic Vakanties, Fiets, Kras како и многу други, а дел од нив веќе најавија и тури за Македонија уште оваа пролет.
Најголемите тур-оператори кои скоро една декада носат туристи во Македонија – ТУИ и Корендон, изразија задоволство од соработката со земјава и регистрираа пораст на бројот на туристи за почетокот на 2017та година од скоро 10%, во одност на истиот период минатата година.
Холанѓаните, кои традиционално доаѓаат во Македонија се генерално повозрасни, но оваа година изненади интересот на помладата генерација од Холандија. Нивниот фокус е насочен на активности и авантура, а посебно велосипедизам, пешачки тури и планинарење. Кампингот и подолгиот одмор на една дестинација е специфика на оваа нација која се повеќе се ориентира кон Македонија.