Подготовките за утрешната најмасовна црковно- народна манифестација за „Богојавление-Водици“, што ја организираат општина Охрид и Дебарско-кичевската епархија, се завршени. Граѓаните и гостите покрај овој настан ќе може да го проследат одбележувањето на „Денот на рибарите“ и другите пропратни настани- изјави денеска градоначалникот Никола Бакрачески на прес- конференцијата што се одржа на Градскиот кеј, од местото каде што ќе се фрла Светиот крст во водите на Охридското Езеро.
„Програмата која ја организиравме започна синоќа со промоцијата на документарниот филм „Танцот на пастрмката“ на меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски и изложбата на подводна фотографија.
Главната манифестација ќе се случува утре токму на ова место на Градското пристаниште, каде ќе се одржи големиот Богојавленски водосвет.Во раните утрински часови се одржуваат Утрената богослужба и Светата Божествена литургија, а традиционално во 09:45 часот поаѓаaт литиите кон Градското пристаниште. По фрлањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро на „Сараиште“ се одржува групно крштевање.
На 20 јануари во 12 часот традиционално на „Сараиште“ ќе се одржи манифестацијата „Денот на рибарите“,каде ќе се подготвува рибна чорба, и бесплатно ќе се служи греана ракија, вино, чорба, пача, домаќински- токму како доликува.Присутните ќе ги забавува ансамблот „Билјана Јуниор“, кој што сигурен сум дека ќе се погрижат за добрата атмосфера и ќе го доловат некогашниот звук на охридските тајфи.
Најтопло ги поканувам сограѓаните, но и припадниците на христијанската вероисповест од цела Македонија и туристите да присуствуват на Богојавленските празнувања. Со тоа се придонесува за одржување на традицијата на празнување, се омасовува оваа црковно- народна манифестација, и прераснува во уникатна туристичка атракција“– рече градоначалникот Никола Бакрачески.
На средбата со новинарите, градоначалникот Бакрачески соопшти дека охридските хотелиери и туристичко- угостителскиот еснаф навреме ја креираа туристичката понуда, во која ја вклопија и манифестацијата празнување на „Водици“, со што истата ја направија подостапна за посетителите, за кои специјално за овој празник објавија попусти од 15 до 50 отсто, по што очекуваат дека ќе ги исполнат капацитетите не само со домашни, туку и со гости од соседните земји.