Нови дваесет изданија од владиниот книжевен проект „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“ што се реализира преку Управата за заштита на културното наследство, беа промовирани вечерва во Археолошкиот музеј на Македонија.
Станува збор за десет публикации на англиски јазик кои се издадени и на македонски: „Црквата Св.Пантелејмон во Нерези“, „Манастирот Зрзе“, „Висока и Старо Бонче“, „Шарената џамија во Тетово“, „Скупи“, „Скопско Кале“, „Стибера“, „Хераклеја Линкестис“, „Тетовско кале“ и „Цареви кули“, како и десет наслови преведени на англиски јазик: „Античкото кралство Македонија и Република Македонија“, „Свети Ѓорѓи во Курбиново“, „Света Богородица во село Матејче“, „Света Богородица Елејуса во село Велјуса“, „Керамичките релјефни плочи од Виница“, „Манастирот Трескавец“, „Тумба Маџари“, „Таор“, „Баргала“ и „Маркови кули во Прилеп“.
Промовирани беа и 250 различни сувенири со приказни од македонското културно историско наследство, нови мотиви од македонското етно село и македонските градови, приказни на македонските војводи, чаши со различни апликации, чадори, сложувалки, магнети, карти и други предмети кои може да се купат во двесет мали монтажни објекти-сувернирници, наменски поставени на сите фреквентни и атрактивни локации на територијата на целата држава, на граничните премини и во популарните туристички центри.
„Денешната промоција на овие публикации несомнено повторно ги потврдува нашите заложби за промоција и афирмација на богатото културно наследство кое го поседуваме како држава“, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Таа нагласи дека токму културното наследство е еден од главните атрибути за препознатливост на Македонија во светот, поради што како што истакна, Владата организира огромен број проекти во оваа сфера.
„Како никогаш досега спроведовме низа на археолошки истражувања на територијата на целата држава кои резултираа со преку 800 илјади пронајдени артефакти кои се аргументи за нашето траење во историски контекст“, рече Канческа Милевска и додаде дека се реставрирани и ревилатизирани искуличително вредни примероци од нашето, како што нагласи, непроцнеливо недвижно наследство.
Посочи дека раскошната оставнина на Македонија беше презентирана и пред меѓународната јавност во Ултрехт, Холандија, музеите Марие Монт во Белгија, Виторијано во Италија, во ватиканските музеи и во Келтско-римскикот музеј во Манхинг, Германија.
„Со гордост можеме да кажеме дека сите проекти и вложувања кои ги реализиравме ги оправдаа нашите заложби и имаат исклучителни придобивки во контекст на зачувувањето и афирмацијата на непроценливото културно наследство на нашата држава, на културниот развој и на туристичката промоција на Република Македонија која денеска е атрактивна и привлечна понуда за многу домашни и странски посетители од целиот свет“, посочи Канческа Милевска.
Едицијата на „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“, рече, предвидува печатење на 130 научно популарни публикации кои ги прикажуваат најзначајните археолошки локалитети, сакрални објекти и природни богатства на македонската почва, а треба да биде завршена до крајот на 2018 година.
„Овие публикации несомнено ја претставуваат Македонија како една уникатна културна дестинација со древни неолитиски населби со богати развиени антички градови, со репрезентативни ранохристијански базилики и средновековни цркви и манастири, со впечатливи османско-турски џамии и турбиња и со единствен и уникатен печат на природата кој оформил прекрасни езера, долини, пештери и природни форми кои понекогаш наликуваат дури и на човечки творби“, напомена Канческа Милевска.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ нагласи дека врз секоја цивилизација се издига нова и посовремена.
„Продолжуваме да ги откриваме културата и археологијата со по десетте најнови изданија на македонски и на англиски јазик преку кои се покажува дека мапата на Македонија историски ја оцртува територијата на кралството Македонија. Угледниот Њујорк тајмс како резултат на новите откритија во македонското културно наследство лани ја рангирал земјава како десетта топ туристичка дестинација од 52 земји“, нагласи Лилчиќ.
Промоторот на изданијата Елица Манева истакна дека научното публикување е најважно за книгите кои се занимаваат со археологијата, историјата и уметноста.
„Откривањето, конзеревацијата и презентацијата се претходни дејствија кои ако не се верификуваат со стручна интерпертација пред пошироката и професионаланта јавност, губат од својата вредност, станувајќи објект на некакво анахроно предание или легенда, а не дел од светското научно фундирано знаење“, рече Манева.
Од тие причини, додаде, овој капитален проект ги заслужува сите комплименти, а македонските историчари на уметноста и археолозите имаат што да му покажат на светот кога се и финансиски и морално поддржани.
Според промоторот Антонио Јакимовски, оваа едиција ја постигнува својата цел – афирмација на македонското културно наследство пред целокупната светска јавност што, рече, досега се потврди на повеќе светски саеми за културно наследство, а воедно ќе бидат неизоставен дел од литературата која е неопхода за студентите по археологија, етнологија и историја.
На промоцијата присуствуваа претставници на науката и културни работиници, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.