Со штанд број 19 во конференцискиот центар Олимпиа во Лондон, Македонија се претстави на Конференцијата за Активен туризам и бизнис со понудата специјално подготвена за овој настан.
На конференцијата на која се присутни 200 учесници – излагачи, тур-оператори и медиуми, Агенцијата за туризам дискутираше за предизвиците и трендовите на оваа брзо растечка индустрија.
Активниот туризам во Македонија станува се поактрактивен и експлоатиран, особено после одржувањето на Регионалната конференција во мај 2016-та година во Охрид, каде 300 делегати имаа можност да се запознаат со убавините на Македонија.
Агенцијата за туризам на конференцијата во Лондон ги презентираше, покрај веќе добро познатите, и нови производи на кои работи заедно со Асоцијациите и Федерацијата за планинарски и вело спортови, како и други засегнати страни од македонското стопанство.
Планинско-велосипедските патеки и Европската пешачка патека во источниот дел на Македонија побудија голем интерес кај присутните. Дополнително, винскиот пат и етно културата беа неизбежен дел на понудата и овојпат, а најава за посета има од еден од најпознатите тур-оператори за организирање патувања на туристи (50+) во Македонија. Посета во Македонија ќе биде организирана и за специјализираната компанија за див живот, која ќе ја понуди Македонија како нова дестинација за набљудување птици.
На конференцијата во Лондон интерес за состанок со претставници на АППТРМ покажаа 13 британски тур-оператори кои ќе ја вклучат Македонија во своите програми веќе од ова лето.
„Особено значајно е што на средбите дојдоа тур-оператори кои изразија интерес во Македонија да носат туристи директно, во непосреден контакт со македонски DMC агенти, а не со посредство на агенции од соседството, како што беше случај до сега. Фактот дека Лондон и Скопје се директно поврзани градови со летовите на Визз Аир е од особено значење за овој вид на туризам”- изјави Лела Крстевска, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
На настанот стана збор и за обуки за македонски агенции и стопанственици од браншата со помош на експертизата на Британски тур-оператор со искуство од повеќе од 30 години, програма која ќе се одвива во 3 годишен период.