Археолошкиот музеј промовираше Водич за постојаната поставка

Големата Мајка од Тумба Маџари, енеолитските дами, тетовската Менада, Свештеничката и уникатниот појас од Лисичин Дол, Златната маска и ракавица од Охрид, бронзениот штит од Бонче, Диатретата и златната фибула од Таранеш, уникатните теракотни икони од Виница се меѓу најексклузивните македонски артефакти кои се претставени во Водичот за постојаната археолошка поставка на Археолошкиот музеј на Македонија.

Музејот денеска го промовираше Водичот во кој на 130 богато илустрирани страници се опфатени најзначајните археолошки наоди од над 8.000 кои се дел од збирката на музејот, а се откриени на територијата на Република Македонија во изминатите 70 години.

Водичот е објавен на македонски и на англикси јазик, поделен е во 15 целини за различни периоди – од палеолитот до средниот век и османлискиот период и поглавја за богатата нумизматичка колекција со вредни монети и камена и мермерна пластика и епиграфски споменици од Лапидариумот. Водичот го подготвија 18 музејски работници и истражувачи, а фотографиите ги изработија Александар Ѓорѓиев и Владо Кипријановски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата истакна дека Водичот е значајно двојазично издание и убава можност секој посетител на Археолошкиот музеј да се запознае со импресивната музејска поставка која, како што рече, е археолошка панорама на нашето минато, на креативниот континуитет, на цивилизациските придобивки и на творечките дострели на предците од далечните столетија на нашата културна историја.

„Водичот илустративно и текстуално, претставува сублимат на постојаната поставка на Археолошкиот музеј на Македонија, преку кој е раскажана приказната за животот на минатите цивилизации кои егзистирале на нашите простори низ сите археолошко-историски периоди. Водичот го движи посетителот низ постојаната поставка на Музејот, детално појаснувајќи ги предметите и истовремено истакнувајќи ги уникатните и најекслузивните откритија на Македонија“ рече Канческа-Милевска.

Таа нагласи и дека од отворањето во октомври 2014-та, овој музеј досега примил над 300.000 посетители од Македонија од светот.

„Археолошкиот музеј и беше повеќе од потребен на Република Македонија. Денеска можеме да бидеме горди на оваа наша капитална инвестиција, на изградбата на овој музеј, институција која силно ја промовира македонската култура и нашето вредно културно наследство во светот,“ додаде министерката за култура.

Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева истакна дека предметите кои се изложени во Музејот претставуваат нашата единствена врска со нашата историја и нашите предци, а дека задача на поколенијата е нив да ги зачуваат и да ја раскажат нивната приказна.

„Водичот ќе биде основен промотор на македонската култура, вредности и археологија во и надвор од нашите граници и задолжителна литература за сите туристи и вљубеници во археологијата… Водичот е модерно атрактивно издание, прв од ваков вид во Македонија, кој во целост ги следи сите светски стандарди за вакви изданија. Има практичен формат и ги содржи сите неопходни информации за Музејот и повеќе од 200 професионални фотографии,“рече Честоева.

Водичот го промовираше проф. д-р Елизабета Димитрoва, која археолошките наоди ги нарече бегалци од заборавот на времето и најконзистентни рефернци на цивилизацискиот опстанок на народите.

„Затоа, археолошките музеи ја претставуваат капиталната аквизиција на секоја држава, која го негува, експонира и утилизира своето културното наследство… Во тој контекст, и Археолошкиот музеј на Македонија, според мене, е еден од најзначајните проекти на нашата современа историја, стожер на културниот идентитет на оваа земја, сместена на раскрсницата на световите“…, рече Димитрова.