Клиниката за хематологија ќе ги третира заболените од Хочкиновата болест со Брентуксимаб (Brentuximab), нов иновативен лек што се воведува како резултат на условниот буџет што и е доделен од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Воведувањето на новата терапија, како што нагласи, е резултат на серијата направени детални анализи за потребата од воведување на нова терапија во здравствениот систем со кои се одлучи да се отвори нов фокус на Министерството за здравство за воведување на нова терапија во системот за здравство.
За Клиниката за хематологија одлучивме да се набави нов лек за Хочкиновата болест од најновата генерација, нешто што досега недостасувало и заради што пациентите биле испраќани на лекување во странство. Ова е практично трета ваква терапија која се воведува, имајќи во предвид дека две се веќе воведени во рамки на Програмата за ретки болести и се користат кај пациентитте на Клиниката за хематологија, изјави Тодоров по посетата на Клиниката.
Посочи дека во наредниот период ќе следи серија воведување нови иновативни видови терапија во здравствените установи пред се во клиниките за Инфективни болести и за Онкологија, а се разгледува и можноста за нивно воведување и во некои други здрвствени установи.
Појасни дека новиот иновативен лек ќе се користи за терапија на пациентите кај кои болеста не може да се излекува со терапијата која им била претходно дадена или, пак, болеста повторно се вратила и по направена трансплатација.
Иновативните лекови ќе се набавуваат на нов современ начин што се користи во цела Европа, преку „модели на поделба на ризикот“ кои ќе почнеме да ги применуваме со цел да добиеме што е можно поевтина цена за што е можно поголем број пациенти. Со новата терапија ќе бидат опфатени сите пациенти на Клиниката за хематологија кои имаат потреба од неа, рече Тодоров.
Нагласи дека во минатото Министерството и целиот здравствен систем беа фокусирани на инвестиции во инфраструктурата, нова опрема и развој на кадровските потенцијали поради што, како што рече, веројатно беше занемарено и воведувањето на нови терапии и лекарства во здравствениот сиситем.
Директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски појасни дека лекот Брентуксимаб (Brentuximab) претходно го немаше во земјава и пациентите на кои им беше неопходно третирање со овој лек беа испраќани на лекување во странство.
Со условниот буџет што го додели ФЗОМ комплетниот број на пациенти кои имаат потреба од овој лек ќе бидат третирани на Клиниката за хематологија по спроведувањето на набавката на новиот лек и по утврдените критериуми од страна на медицинските лица во оваа институција, рече Стефаноски.
Буџетот на Клиниката на хематологија за 2017 година, нагласи, е зголемен за 28 милиони денари во однос на лани и изнесува 275,5 милиони денари.
Условниот буџет што е доделен на Клиниката за набавка на новиот лек е вкупната сума на средства што минатата година ФЗОМ ги потроши за лекување на пациентите со Хочкиновата болест во странство. Очекуваме лекот што ќе се набавува во Македонија да е поевтин и средствата кои ќе останат да бидат инвестирани во други терапи и постапки и нови услуги за осигурениците, рече Стефаноски.
Директорката на Клиниката за хематологија проф. д-р Лидија Чевреска истакна дека годишно во Македонија има од 30 до 40 новодијагностицирани заболени од Хочкиновата болест, односно малигно заболување на лимфопролитеративниот систем.
Новиот препарат делува само на малигната клетка и со него може да се третираат пациентите кои не реагираат на дадената претходна хемотерапија и трансплатација и лекувањето да биде успешно. Пикот на болеста е од 29 до 35 години и над 59 годишна возраст, а кај малите до пет години има многу помал број на заболени. Во моментов имаме неколку линии на хемотерапија и трансплатација со хематопоетски матични клетки, односно трансплантација од сопствени матични клетки. Од 2000 година за Хочкинов лимфом се спроведени околу 34 трансплатации, рече Чевреска и додаде дека процентот на лимфомите во Македонија се зголемува, а кај Хочкиновите лимфоми расте за околу 10 проценти годишно.
Лани, како што посочи, имало пет до седум пацинети кај кој бил неопходен третман со Брентуксимаб, а годинва се очекува нивниот број да биде околу пет.