Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во Струга приреди прием за претставниците на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на меѓународни организации и почесните конзули во Република Македонија.
На приемот, што традиционално го приредува претседателот на Република Македонија по повод новогодишните и божиќните празници, свои обраќања имаа претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. г. Олег Шчербак.
„Ова е моето 8. обраќање пред дипломатскиот кор во Република Македонија. Годинава, не би сакал да го повторувам веќе кажаното. Нема да зборувам за политичката криза во Република Македонија. Само ќе кажам дека очекувам политичките партии во постизборните преговори да водат сметка за државните интереси на Република Македонија и за националните интереси на македонскиот народ. Нема да ве потсетувам дека status quo состојбата во европската и во евроатлантската интеграција е дел од проблемот, а не од решението на политичката криза во Македонија. Наместо тоа, ќе зборувам за предизвиците со кои се соочува не само Република Македонија туку и Балканот, Европа и светот. Зад нас ја оставивме 2016-та, прогласена за annu horribili – ужасната година во која најсилно ги почувствувавме последиците од двојните стандарди, непочитувањето на меѓународното право, пропаднатите држави и разорените општества.“- рече Иванов и додаде:
„За жал, се покажа дека масовните миграции подлежат на двојна злоупотреба. Од една страна, заканата од илегална миграција е алатка за невоен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Оние кои сакаат да вршат притисок врз одредена држава, едноставно ги „извезуваат” и ги насочуваат мигрантите по патот до крајната дестинација. Од друга страна, радикалите, екстремистите и странските терористички борци ја злоупотребуваат несреќата на мигрантите и бегалците за незабележливо да се инфилтрираат во државите. Сето ова, за жал, придонесе кон поларизација и ксенофобија во европските општества.Во овој контекст, и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, што се виде во управувањето со мигрантската криза и со намалувањето на безбедносните ризици. Им благодарам на сите европски држави кои ни помогнаа на овој план. Сепак, во вакви услови сите ние имаме два клучни предизвика. Првиот е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите. Вториот е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген-територија. Многу европски држави ќе се соочат со тежок избор – или да го активираат кризниот менаџмент за справување со илегалната миграција или да прогласат вонредна состојба поради безбедносната криза и заканите од странски терористички борци. Решението и за двете лежи во сè потесната соработка и размена на информации. За жал, наместо доверба и соработка, гледаме сè повеќе недоверба и дисоцијација.Оваа 2017 година се навршуваат шест децении од Римските договори. Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава. Големиот Ајнштајн рекол „послабите луѓе враќаат со иста мера, силните луѓе простуваат, интелигентните едноставно игнорираат.” Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат. Иако не заслужуваат коментар, сепак, ќе кажам дека отворањето на старите рани и мешањето во внатрешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи. А добрососедските односи не се еднонасочна, туку двонасочна улица.
Како регион ние едноставно немаме време да се бавиме со ретроградна реторика од 19 век, со покажување мускули и неконструктивни чекори што не соодветствуваат на третиот милениум. Пред нас се сериозни предизвици. Ние мора да го посветиме сето наше внимание и да ја вложиме сета наша енергија за успешно да се справиме со овие предизвици. И тоа не можеме да го направиме секој посебно. Во услови кога Унијата се соочува со бројни предизвици, а другите меѓународни организации се блокирани, нам ни треба регионално стратегиско свртување кон внатре. Што значи тоа? Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион на безбедност, мир и благосостојба. Со таа порака, на самиот крај, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.“– истакна претседателот Иванов во своето обраќање.
Во рамки на дипломатскиот прием, што според воспоставената практика се одржува надвор од главниот град, претседателот Иванов и претставниците на дипломатскиот кор, утре (28 јануари 2017 година, сабота) ќе ја посетат општина Вевчани, каде што е предвидена посета на црквата „Св. Никола” и на Вевчанските извори.
Традиционалниот прием по повод новогодишните и божиќните празници за претставниците на дипломатскиот кор, изминатите години беше приреден во Битола, Крушево, Гевгелија и во Берово.
WebOhrid