Во Тирана се одржува редовна седница на Управниот одбор на РИКО

Директорот на АМС, марјан Спасески и младинскиот претставник на Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (РИКО), Билјана Наумовска, денес се во Тирана на вториот состанок на Управниот одбор, каде ќе вршат конечна евалуација и избор на Генерален секретар на ова регионално тело.

Покрај тоа, на дневен ред ќе бидат и предлозите на процедурата за избор на заменик-генерален секретар и членови на кабинетот, односно персоналот на Секретаријатот.

Ова е втора средба на членовите на У.О. на РИКО, откако на 8 декември минатата година се основаше и официјално стартуваше со работа ова управувачко тело. Во У.О. на РИКО членуваат по еден државен и едне младински претставник од секоја од 6-те земји на Западен Балкан.
Со потпишувањето на Меѓународната спогодба за Регионална канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан од страна на премиерите на нашата држава, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина беше поставен темелот на оваа канцеларија, прва од ваков вид во регионот, која има за цел да ги поврзе младите луѓе од овие шест држави, да ги поттикне процесите на помирување и соработка на малдите од регионот, кој памети многу конфликти од минатото, но и да им овозможи на младите луѓе да патуваат и заеднички да ги зајакнат своите вештини и да се развиваат.

РИКО преку програма за размена треба да придонесе за помирување меѓу младите луѓе од поранешните југословенски земји, како и Албанија и да ја поттикне нивната соработка. Но, РИКО претставува и значаен елемент за засилено партнерство во регионот и ќе ги унапреди односите меѓу западнобалканските држави.

Оваа канцеларија ќе игра голема улога во поттикнувањето и подобрувањето на соработката не само на младите истражувачи, туку и на младите претприемачи, училишта и универзитети, спортисти и клубови, како и културни организации и уметници.