Потврден прв случај на птичји грип и во Македонија

Утврдено е присуство на високозаразна болест Авијарна инфлуенца (Птичји грип) тип А H5 N8 кај живина во струшкото село Мороишта, информираше денеска на прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски. Тој објасни дека вирусот е високо патоген за живината, но, не претставува зооноза, не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана по јавното здравје.

„Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е потврден со лабораториските анализи извршени на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со болеста Птичји грип и тоа во самото жариште. Се уништи целокупната живина, нештетно се отстрани и се изврши комплетна дезинфекција“, рече тој Поповски.

На сила се неколку мерки, а прогласени се две заштитини зони под надзор, каде согласно по правилникот на терен се уништува целокупната живина и производите од живина. На терен се активни 30 тимови по 4 лица.

За сите животни кои ќе бидат нештетно уништени, одгледувачите ќе добијат соодветна финансиска отштета од Буџетот на Република Македонија. Угинатите животни нема да се исплаќаат.Непријавувањето на болеста од страна на одгледувачите е кривично дело и е казниво со закон.

„Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети“, рече Поповски.

Како симптоми кај живината, Поповски ги посочи високата смртност и пад на несивоста.

Според професор Александар Додовски од Факултетот за ветеринарна медицина, позитивно е дека вирусот е откриен кај селска живина што дава време за реакција и целосно неутрализирање на болеста.

„Вирусот веќе од ноември 2016 година циркулира и е присутен во земјите од Европа. На вирусот му погодуваат ниски температури и го продолжуваат неговиот животен век во надворешна средина. Вирусот во фецес на температура од 4 степени може да опстои активен и до осум недели, додека во површински води на температура од 10 степени е активен од 100 до 120 дена. Ова значи дека сме во период на максимална активност на вирусот,“рече професор Додовски.

На новинарско прашање за постоење на активни забрани за увоз на живина, Поповски рече дека активни забрани има кон сите земји каде е појавен вирусот, но дека забраните не се однесуваат на цели држави туку на региони каде е потврдено присуство на болеста.