Нови средби на министерот Јолевски во САД

Како дел од работната посета на САД, министерот за одбрана, Зоран Јолевски оствари одвоени средби со американските сенатори Џон МекКејн и Тед Круз. На овие средби тој со соговорниците размени мислења околу актуелните безбедносни случувања кои ја тангираат Европа, регионот и Република Македонија. На средбите меѓу другото, стана збор за потенцијалните ефекти од зголемување на интензитетот на мигрантската криза, опасноста од современиот тероризам и останатите неконвенционални закани. Министерот Јолевски ја искористи можноста да ги запознае своите соговорници за интензитетот на соработката која Република Македонија ја има со САД во доменот на одбраната во изминатиот период и воедно се заблагодари за поддршката која вооружените сили на САД ѝ ја даваат на Армијата на Република Македонија. Сенаторот од Аризона и голем поддржувач на Република Македонија, Џон МекКејн, изрази особен интерес околу напредокот во решавањето на спорот со името со јужниот сосед истакнувајќи го попречувањето на Македонија.

Министерот Јолевски истакна дека предизвиците пред кои се наоѓа Европа, вклучувајќи ја тука и Југоисточна Европа, бараат да се преземат стратегиски чекори. Тие би се состоеле во давање покана на Македонија за членство во НАТО, ратификување на приемот на Црна Гора во НАТО, како и активирање на МАП процесот за Босна и Херцеговина.

Двата соговорници разговараа и за актуелните состојби во регионот, како и за внатрешно политичките состојби во Македонија.

Сенаторот МекКејн се осврна на потребата буџетот за одбрана на земјите членки и аспиранти да достигне 2% од бруто домашниот производ, воедно оддавајќи признание на фактот дека 20% од актуелниот буџет се троши за модернизација на АРМ.

Јолевски побара од сенаторот да продолжи со поддршката на Република Македонија. Сенаторот МекКејн го увери министерот Јолевски дека во неговите приоритети за 2017 година ќе биде зајакнување на поддршката којашто САД ѝ ја дава не само на Македонија, туку и на целиот регион, истакнувајќи дека ќе направи напори оваа година да ја посети нашата земја.