На првиот повик за програмата Еразмус+ во 2017-та пристигнати 223 апликации

Четврта година по ред Република Македонија е полноправна членка на „Еразмус плус“ програмата на Европската унија и корисник на средства за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот. Буџетот за 2017 година изнесува рекордни 6,25 милиони евра што споредбено со 2014 година, кога започна имплементацијата на оваа програма е зголемен за 78,5%, истакна денеска заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Согласно извештаите на Eвропската комисија и натаму важиме за една од земјите кои постигнуваат исклучително висок степен на ефикасност на реализацијата, односно искористеност на расположливите средства од над 90 %, посочи Ристовски.

Средства од „Еразмус плус“ програмата се распределуваат преку 3 јавни повици во текот на годината, а првиот јавен повик за 2017 кој предвидува распределба на 3,15 милиони евра е веќе завршен. До 2 февруари до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пристигнале 223 апликации со вкупен износ од 8.43 милиони евра побарувани средства од страна на потенцијалните корисници .

Се работи за предлог мерки и проекти во рамки на формалното и неформалното образование кои се изготвени од македонски ученици , студенти, наставници, професори , научно истражувачки работници , младински и спортски работници, образовни институции и граѓански организации. Најголем дел од нив се проекти за поддршка на високото образование, проекти од областа на средното-стручно образование, проекти изготвени од гимназиите , основните училишта и предучилишните установи .
Процесот на евалуација е во тек и конечната листа со прифатени проекти ќе биде објавени на интернет страницата на Националната агенција најдоцна до крајот на месец април. Бројот на пристигнати апликации на првиот јавен повик за 2017 упатува дека заинтересираноста за „Еразмус плус“ програмата значително се зголемува и во однос на минатата година се бележи 30 % поголема заинтересираност, истакна Ристовски.

Вториот и третиот јавен повик за 2017 се во тек со краен рок за апликација до 26 април, односно до 4 октомври за третиот јавен повик.

Ристовски упати апел до сите потенцијални кандидати да изготват квалитетни конкурентни проекти и да аплицираат.

Директорот на Агенцијата Дарко Димитров соопшти дека високообразовните институции на штотуку завршениот прв повик побарале повеќе од 2,2 милиони евра преку 24 апликации, со што ќе може да финансираат мобилност на повеќе од 600 студенти. Во областа стручно образование во Националната агенција се примени 62 апликации, училиштата и градинките поднеле 48, во облста млади се добиени 78 апликации и 11 во сегментот образование за возрасни.

Преостанува уште еден рок за аплицирање во делот образование, кој е на 29 март и се однесува на стратешки партнерства во образованието – меѓу македонски и европски организации, со цел размена на искуства и добри практики, рече Димитров.

За програмата Еразмус+ во 2017 има уште два јавни повика кои се во тек. Крајниот рок за вториот повик е 26 април, а за третиот 4 октомври. Ристовски и Димитров апелираа до потенцијалните кандидати да подготват квалитетни и конкурентни проекти и да апкицираат за европски финансиски средства. За помош при аплицирањето и за одговори на прашања заинтересираните може да се обратат во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која на својата фејсбук и веб-страница (na.org.mk) ќе ги објавува сите свои активности.