Четири лица од село Грушино заболени од туларемија

Агенцијата за храна и ветеринарство доби известување од Центарот за јавно здравје – Скопје, дека четири лица од село Грушино во општина Арачиново се заболени од Туларемија. За спречување на ширење на болеста и заштита на здравјето на населението апелираме до надлежното ветеринарно друштво, сопствениците на домашни животни и миленици (особено на зајаци, глувци и други глодари), да ги пријават животните кои покажуваат невообичаени симптоми на треска, слабеење, оток на жлездите, рани на кожата и други симптоми. Туларемијата е болест која најчесто ја пренесуваат глодарите.

Опасна е по здравјето на луѓето и најчесто од инфицираните животни се пренесува преку директен контакт (допир) или ракување со мртви (угинати) животни, но и со каснување од инфициран крлеж, коњска мува или комарци и други инсект. Болеста може да се пренесе и преку контаминирана храна и вода или со вдишување (преку инхалација) на инфицирани аеросоли со бактеријата која ја предизвикува оваа болест.

Ненадејна треска и грозница, отечени и болни жлезди, главоболка, повраќање и дијареа, болки во мускулите и зглобовите, сува кашлица, малаксаност се првите симптоми на болеста Туларемија кај луѓето и тие вообичаено настапуваат во временски период од 3 – 5 дена. Туларемијата може да се препознае и по рани кои може да се појават по кожата и во устата, воспалено грло, отеченост и болка на очите, жлездите на вратот како и под пазувните жлезди.

Во подоцнежните фази болеста може да премине во пневмонија и да биде проследена со недостаток на здив, дишење проследено со болка во градите и искашлување на крвав исцедок (шлајм).

Туларемијата е болест не се пренесува од човек на човек.

Болеста може да ја пренесат и мушички, крлежи, а бактеријата предизвикувач на туларемија, може да опстане во почвата, водата или во угинатите животни и по неколку недели.

За заштита се препорачува спречување на касањето на инсектите со употреба на репеленти (средства против инсекти). Облеката да се испрска облеката со репелентно средство кое содржи перметрин.

Често миење на рацете со сапун и топла вода, особено по манипулација со угинати животни, консумација само на добро термички обработена храна и употреба да чиста, хигиенски исправна вода од проверен извор се дел од мерките кои треба да се преземат за заштита.

Согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, ловечките друштва, концесионерите на ловиштата и националните паркови се должни да ги испратат зајаците угинати во ловиштето на лабораториско испитување на болестите Туларемија, Хеморагична болест кај зајаците и Миксоматоза. Трошоците за лабораториското испитување се на товар на Програмата за користење на средствата за здравствена заштита на животните. Годинава, освен за овие случаи на туларемија кај луѓе, Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известувања за појава на оваа болест кај животни.