Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска одржа работна средба со амбасадорот на Чешката Република во Република Македонија Н.Е. Мирослав Рамеш.
На средбата беше истакната добрата соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република и помошта што МВР ја добива од оваа пријателска земја, особено во решавањето на проблемот со мигрантската криза. Покрај донациите во опрема на Министерството за внатрешни работи, Чешката Република испрати и полициски службеници на македонско-грчката граница, кои рамо до рамо со македонските полициски службеници активно учествуваат во контрола и надзор на граничната линија.
Амбасадорот Рамеш го информираше министерот Нухиу и за претстојната посета на министерот за внатрешни работи на Република Чешка г-дин Милан Хованец кој во почетокот на март ќе ја посети нашата земја.