Во првото полугодие од оваа учебна година реализирани се 5.176 психолошко – педагошки советувања

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, днеска информираше за досегашниот тек на спроведувањето на индивидуалните и групните советувања на родителите на учениците, како и на самите ученици кои во одредени периоди за време на училишниот престој, односно во текот на воспитно образовниот процес покажуваат извесни форми на несоодветно однесување за нивната возраст, драстично го намалиле просечниот успех во учењето или пак, неоправдано отсуствуваат од наставата. Целта на мерката која во основните во средните училишта се спроведува веќе шест година е родителот да биде повеќе вклучен во воспитанието и образованието на своето дете, заради надминување на предизвиците со кои тоа се соочува на училиште.

„Би сакал да информирам дека во првото полугодие на оваа учебна 2016/2017 година, реализирани се вкупно 5.176 советувања, од кои 2.594 во средните училишта и 2.582 во основните училишта. Потенцирам дека се работи за број на советувања, а не за број на родители и ученици, што значи дека во многу случаи има повторувања – еден ист родител, односно ученик неколку пати е повикуван на средби и разговори со училишниот педагог и психолог“, рече Ристовски.

Најмногу од спроведените советувања на психолошко – педагошките служби во првото полугодие на оваа учебна година биле реализирани поради намален успех на ученикот, односно 3.380. Потоа, 1.425 се реализирани поради нередовност во наставата, 312 поради несоодветно однесување на училиште, додека поради комплексноста на состојбата, односно, сплет на повеќе причини има 59 упатувања на родителот и ученикот во Центрите за социјална работа, каде се одредува социјален работни и се применуваат други, посериозни форми на работа со овие најчесто дисфункционални семејства.

„Кумулативно во изминатиот шест годишен период реализирани се речиси 75.000 советувања, од кои поголемиот дел, односно 41.500 се советувања на родители на ученици и ученици во средните училишта. Генерално, најчеста причина е намалениот успех во учењето, за што, спроведени се 45.400 советувања“, информираше Ристовски.

Додаде дека училиштата располагаат со одлични стручни тимови, кои во изминатиот период како резултат на заложбите на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, некаде се комплетирани, а некаде пак, дополнително зајакнати преку вработување на околу 200 психолози, педагози и дефектолози, чиишто ангажман при советувањето, во најголем дел од случаите каде е постапено е позитивно ефектуиран.