Започна првото коло од втората сезона на „Училишните игри без граници“ 2017

На 11ти февруари започна првото коло од втората сезона на „Училишните игри без граници“ во организација на Извидничкиот одред Пионер од Охрид.

Оваа сезона започна од ОУ „Христо Узунов“, чија екипа во изминатата сезона го освои првото место за да продолжи во останатите Општински училишта.

Во топол амбиент, во училишната спортска сала, во ова прво коло учествуваа 22.екипи, односно 88.ученици во присуство на голем број на родители. Учениците низ осум натпреварувачки игри се дружеа повеќе од два часа, информира  Зоран Костоски, Старешина на ИО.Пионер.

„Подобрите екипи од ова коло ќе имаат прилика да се надигруваат со своите врсници од другите општински училишта се до финалето кое и оваа година ќе се одржи во месец Мај со самото завршување на школската година.

Имено кога сме кај идејата и реализацијата на игрите, како и нивната оправданост ја поврзуваме со детектирањето на следниов проблем кај учениците:

Во периодот на школската година,преголемата теоретска оптеретеност на учениците, престојот во затворени простори, како и намалените индивидуални физички активности заради зимскиот период од годината негативно влијаат на психофизичката кондиција кај децата-учениците.“- вели Костоски. 

Како што вели Костоски, преку забавно-едукативните натпревари учениците ќе ги развиваат психомоторните способности, a со учеството преку екипен состав ќе се развива и тимската работа, исто така трудејќи се за достигнување на резултат се развива и натпреварувачкиот дух кај учениците.

„Неопходно е да се спомене дека потребата од вакви активности ја препозна и локалната самоуправа и преку органите за образование и директорите на училиштата овозможува непречено да се реализира веќе втора година по ред.“- додава Костоски.