Министерката Канческа – Милевска во работна посета на Берлин , Сојузна Република Германија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, каде што претпладнево ќе го посети Прима-центарот во Берлин и ќе оствари средба со директорот Јован Балов. Галеријата на Прима-центарот е култно место во Берлин кое функционира во рамките на Здружението на интернационални уметнички галерии на Берлин „Колони вединг“, кое во изминатите 4 години има освоено 8 први гранд награди на Берлинскиот совет за култура, за стимулација и поддршка на независни проекти. Досега со поддршка од Министерството за култура во овој културен центар се претставија над 90 уметници, млади и талентирани македонски автори кои во последните 8 години реализираа повеќе од 40 самостојни или групни изложби. На средбата Канческа-Милевска и Балов ќе се осврнат на сите досегашни активности во овој центар, но и на идните планови за интензивна промоција на македонската култура и уметност во овој реномиран простор. Оваа, 2017 година во Прима- центарот ќе се претстават македонските автори: Сашо Блажевски, Михаела Јовановска, Кристина Божурска, Дарко Талевски и Ангел Миов.

Во рамките на посетата на Берлин, каде што во моментов се одржува 67-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, Канческа-Милевска, заедно со директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, денеска ќе оствари средба и со извршниот директор на европскиот фонд за копродукции Еуроимаж, Роберто Ола. Министерката за култура ќе се сретне и со директорот на Европската филмска академија Марион Доринг, со селекторот на Фестивалот Николај Никитин, со Мариа Троколи од Директоратот за филмска продукција при Министерството за културно наследство и туризам на Република Италија, како и со директорите на Израелскиот, Српскиот и Бугарскиот филмски фонд . На средбите ќе бидат разгледани можностите за соработка, копродукции, промоција и презентација на македонската кинематографија во Европа и во светот.

За време на посетата Канческа-Милевска ќе оствари средба и со Беки Пропст, претседател на Европскиот филмски маркет, во чии рамки македонската Агенција за филм континуирано, низ годините, ја презентира македонската кинематографија, но и сите поволности што ги нуди нашата земја во областа на филмската дејност.

Вечер во рамките на Берлинскиот филмски фестивал Канческа-Милевска ќе присуствува на светската премиера на новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот, кој е македонско-белгиско-словенечка копродукција, ќе биде прикажан во салата „Зоо Паласт“, во рамките на програмата Панорама. Вчеравечер на Берлиналето во истата програма беше прикажан и филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ во српско-бугарско-македонска копродукција по сценарио и режија на Бојан Булетиќ.