Во рамките на работната посета на Сојузна Република Германија, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Прима-центарот во Берлин и оствари средба со директорот Јован Балов. На средбата беше истакната одличната соработка меѓу Галеријата на Прима-центарот и Министерството за култура кое континуирано обезбедува средства за промоција и афирмација на младите македонски автори во оваа културна средина. Канчевска-Милевска и Балов разговараа и за идните планови за продлабочување на културната соработка и во таа насока беше иницирана и идејата, млади германски автори да се претстават во институциите во Република Македонија.
Во рамките на посетата на Берлин, Канческа-Милевска, заедно со директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, денеска оствари средба и со извршниот директор на европскиот фонд за копродукции Еуроимаж, Роберто Ола, на која беше истакнато присуството на македонската кинематографија на култниот Берлински филмски фестивал. Соговорниците го изразија задоволството што токму двата филма кои се селектирани во програмата Панорама, „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска и „Реквием за госпоѓа Ј.“ на Бојан Булетиќ, се поддржани од Еуроимаж.
Канческа-Милевска и Ола се осврнаа и на новата Европска конвенција за копродукција во кинематографијата која беше потпишана во Ротердам и која ќе отвори многу нови можности за реализација на заеднички филмски проекти меѓу европските земји. Канческа-Милевска го изрази своето уверување дека Република Македонија наскоро ќе стане земја потписник на оваа значајна конвенција. Оваа, 2017 година нашата држава ќе биде домаќин и на редовното генерално собрание на Еуроимаж што ќе се одржи во Скопје во октомври.
Министерката за култура имаше средба и со Мариа Троколи од Директоратот за филмска продукција при Министерството за културно наследство и туризам на Република Италија, на која беше договорено наскоро во Република Македонија да се реализира заедничка средба на продуценти од двете земји со цел зголемување на копродукциските проекти кои ќе овозможат презентација на креативните потенцијали во оваа сфера од двете земји.
Канческа-Милевска денеска оствари средба и со Беки Пропст, претседател на Европскиот филмски маркет во чии рамки македонската Агенција за филм континуирано, низ годините, ја презентира македонската кинематографија, но и сите поволности што ги нуди нашата земја во областа на филмската дејност.
Особено значајно е што на средбата е договорено Република Македонија во иднина да поседува и сопствен штанд за промоција на македонската кинематографија кој ќе отвори уште многу можности за развој и унапредување на оваа дејност, како и презентација на сите поволности кои се нудат во Република Македонија.
Министерката за култура се сретна и со директорите на Израелскиот, Српскиот и Бугарскиот филмски фонд, а попладнево ќе оствари средби и со директорот на Европската филмска академија Марион Доринг и со селекторот на Фестивалот Николај Никитин.