Карпош Соколи освојувачи на Лимак кошаркарскиот Куп на Македонија

Тимот на Карпош Соколи е новиот освојувач на титулата во најмасовното натпреварување Лимак Купот на Македонија 2017. Кошаркарите од скопската населба Карпош во големото финале одиграно во салата Јасмин во Кавадарци со 80-69 (21-20, 21-17, 13-15, 25-17) го совладаа одличниот состав на Фени Индустри и заслужено стигнаа до првата титула во клупската историја, на јубилејот 20 години од постоењето на клубот.

Големото финале како што се и очекуваше започна максимално израмнето, се играша коша за кош, се до крајот на третата делница. Фуриозниот почеток на последните 10 минути на кошаркарите на Карпош Соколи беше клучен за конечниот епилог на големото финале. Предводен од одличниот Доминик Мавра и секогаш стандардните Бојан Трајковски, Лабовиќ, Зековиќ и Пери, минатогодишниот финалист годинава заслужено стигна до посакуваниот трофеј.

Прво име на финалето беше бекот на Соколи Доминик Мавра со 21 поен, 6 скока и 6 асистенции, Лабовиќ имаше 17 поени и 8 скока , а Трајковски финалето го заврши со 12 поени , 5 скока и 3 асистенции. Во редовите на Фени Индустри капитенот Кире Николовски реализираше 19 коша, двоцифрен број на поени во составот на Фени кој дефинитивно не можеше да ја повтори играта од полуфиналето против МЗТ , постигна и Магдевски 10 поени и 5 асистенции.

Признанието за најдобар стрелец на Лимак Купот на Македонија го доби капитенот на Фени Индустри Кире Николовски.

Бекот н победникот Карпош Соколи Доминик Мавра е најкорисниот кошаркар на завршниот турнир.

Инаку, завршниот турнир на Лимак Купот на Македонија во Јасмин во Кавадарци беше одлично организиран од компанијата Лимак Скопје.

Претседателот на МКФ Петар Наумоски по крајот на финалето на генералниот директор на Лимак Скопје Мурат Јурдал му врачи благодарница за успешната организација на Купот и за придонесот во реализацијата на активностите и поддршката во развојот на кошарката.