Триесет и седум композиции на 21 македонски автор се избрани на Конкурсот на Министерството за култура за откуп на дела од класичната музика за 2016 година.
Се работи за една стимулативна мерка, воведена во Националната стратегија за развој на културата за 2013-2017 година. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција истакна дека и во 2016 година интересот на македонските композитори за овој конкурс бил навистина голем.
„До Министерството за култура беа поднесени вкупно 59 композиции на 36 македонски автори. Од нив стручните комисии составени од реномирани музиколози, изведувачи, диригенти и професори на Факултетите за музичка уметност селектираа 37 композиции на 21 македонски автор“, рече Канческа-Милевска.
Додаде дека имало три дисквалификуфани композиции кои не ги исполнуваат конкурсните услови или немаат исполнето минимум бодови од стручната комисија. За создавањето на овие дела Министерството за култура издвои 4,5 милиони денари. Во категоријата Композиција во чест на Факултетот за музичка уметност, комисијата додели една прва награда: „Твојот пат“ на авторот Живоин Глишиќ.
Во категоријата Музичко-сценска композиција за Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, стручната комисија додели една прва награда „Низ Македонија“ на композиторот Тодор Трајчевски. За категоријата Композиција за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на македонскиот православен обичај Божик, доделени се две први награди – „Догматик“ на Стојан Стојков и „Божиќ е во сите нас“ на Тодор Трајчевски.
Во категоријата Композиција за Биг бенд, стручната комисија додели две награди: прва награда за „Let Ring“ на Владимир Николов и втора награда за „M Blues“ на Тони Китановски. Во категоријата Композиција за фиксен медиум, доделени се три награди: прва награда за композицијата на Дарија Андовска, втора за композиторот Кокан Димушевски и трета награда за Андреј Блажевски. Во категоријата Композиција за квинтет, доделени се три награди – прва награда за „Winter game“ на композиторот Ана Пандевска, втора за „Stop watch sonata“ на Фатос Љумани и трета награда за композиторот Маја Јовановска.
За категоријата Композиција за трио, стручната комисија додели четири награди – прва награда за „Minimal expectations“ (Минимални очекувања) на композиторот Ана Пандевска, прва награда за „The blur desert“ на композиторот Кокан Димушевски, втора награда за „Ora iacentem“ на Ангел Спировски и трета нагрда за „INITIALS“ на композиторот Гоце Гавриловски. Во категоријата Циклус соло-песни. Комисијата додели три награди: прва награда за „Пролетни кошмари“ Дамјан Темков, втора награда за Циклус соло песни на композиторот Филип Иванов и трета награда за „Happy Birthday“ (Среќен роденден) на Маријана Јаневска. Во категоријата Композиција за мелодиски инструмент, стручната комисија додели четири награди – прва награда за „Осцилации“ на Маријана Јаневска, втора награда за „FLAUTA LAMENTA“ на Љубомир Бранѓолица, трета награда за композицијата 10 минијатури на Никола Коларовски и трета награда за Шест минијатури за соло труба на Дамјан Темков.
Во категоријата Композиција за хармонски инструменти. доделени се две награди: прва награда за композицијата „Imagine infinity“ на Ана Пандевска и втора награда за „Кафез 10“ на Тодор Трајчевски. За категоријата Композиција за мешан хор, доделени се три награди – прва награда за композицијата „Дај дуни дуни“ на Гоце Гавриловски, втора награда за „Слобода“ на Андреј Блажевски и трета награда за композицијата на композиторот Вања Николовски-Ѓумар. Во категоријата Композиција за квартет, доделени се две награди: прва награда за композицијата „Процес“ на композиторот Андреј Блажевски и втора награда за композицијата на композиторот Гоце Гавриловски.
Во категоријата Композиција за камерен состав од шест до девет инструменти, доделени се три награди: прва награда за Ана Пандевска, втора за Никола Димушевски и трета награда за Илија Илиевски. Во категоријата Композиција за инструментален солист и оркестар, стручната комисија додели две награди: прва награда за „Концерт за виолина и оркестар бр.1“ на Филип Иванов и втора награда „Концерт за труба и оркестар“ на Панде Шахов. Во категоријата Балет, доделена е една прва награда за „Кокино балет во еден чин“ на композиторот Никола Димушевски.
Министерката за култура нагласи дека оваа мерка се спроведува од 2014 година и додаде оти досега создадени се вкупно 128 композиции на 41 македонски автор, за кои беа издвоени 15 милиони денари. Според неа, од огромна важност е што најголем дел од поддржаните композиции веќе се изведени пред македонската публика. Композиторот Кире Костов изрази благодарност до министерката и до ресорното министерство за поддршката и за разбирањето.
„Жалам што малку добивме дела од областа на џезот. Добивме прилично големо богатство на ноти и на материјали, кои допрва ќе ги слушнат нашите слушатели,“ рече Костов и додаде дека се работи за квалитетна музика која заслужува третман.