Министерот за одбрана Зоран Јолевски, денес, изврши финална обиколка на надградбата на третиот кат на зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, проект со кој значително ќе се подобрат условите за работа на вработените во Министерството и Армијата.
Надградбата на објектот на Министерството е со површина од 1390 метри квадратни и има 59 канцеларии и помошни простории. Изградбата е направена согласно сите прописи на градба за оваа намена, а користени се и материјали за највисока термоенергетска ефикасност со што Министерството се вклучува во глобалниот тренд на заштита на животната средина и енергетската ефикасност. Во рамките на овој проект, со цел уште поголема заштита на енергенси, беа променети и останатите прозорци на целиот објект на Министерството.
Со надградбата на објектот се унапредуваат работните услови на вработените во Министерството и Генералштабот на АРМ, а воедно и се реализираат и плановите за ослободување и адаптација на простории за потребите на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа, чиј домаќин ќе биде главниот град на Република Македонија, во перидот 2020 – 2026 година.