Средба на министерот Јолевски со офицери на АРМ од новата ротација во мисијата „Одлучна поддршка“

Mинистерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, заедно со заменик началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Мухамет Рацај денес во Министерството за одбрана остварија средба со шесте офицери на Армијата на Република Македонија од новата ротација во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

На денешната средба министерот Јолевски им посака успешно да ги извршат задачите кои им се доделени, достоинствено да ја претставуваат Република Македонија и да се вратат живи и здрави.

Тој додаде дека Република Македонија ќе продолжи со своето учество во оваа мировна мисија во Авганистан и дека се разгледуваат можности за учество во мисии поддржани од Обединетите нации, што јасно ја покажува нашата посветеност кон глобалниот мир и безбедност. Дополнително министерот Јолевски рече дека искуството што ќе го стекнат во оваа мировна мисија е мошне значајно, како за нив, така и за останатите припадници на АРМ кои ќе имаат можност да добијат пренесено искуство за учеството во меѓународните мировните мисии.

Заменик началникот Рацај во оваа прилика истакна дека се работи за квалитетен состав кој е одлично психофизички подготвен да ги реализира задачите.

Овој состав од припадниците на АРМ кој учествува во командите на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, ќе биде во рамките на германскиот контингент во Командата за обука, советување и асистенција „Север“.