ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе стоjат цврсто во било која ситуација на бедемот на одбраната на државните и националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници кои живеат во Македонија.
Она што го најавувавме за време на целата предизборна кампања, сега го гледаат сите. СДСМ се обидува самата со себе да се натпреварува во проширувањето на понудата кон албанските партии за да дојде на власт по секоја цена. СДСМ е цврсто влезена со намера за редефинирање на Република Македонија.
СДСМ за оваа своја цел планира да го крши Уставот на Република Македонија. Тоа нема да го дозволиме.
Го потсетуваме и СДСМ и секој друг кој што сака да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои што се подготвени да се борат за нив.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победија на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните на Република Македонија кои ја препознаа намерата на СДСМ за редефинирање на Македонија.
Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во било која форма и во било која ситуација.“– стои во соопштението.