Објавен е конкурсот за упис на јавните универзитети за академската 2016/2017 година

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на конференција за медиумите информираше дека е објавен конкурсот за уписи на јавните високоборазовни установи во Република Македонија за академската 2016/17 година.

Конкурсот предвидува вкупно 24.356 слободни места на петте јавни високообразовни установи во државата. 13.536 места се наменети за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.

Ристовски апелираше до сите идни студенти изборот на областа во која ќе студираат да го направат врз основа на сопствените убедувања, афинитети и предиспозиции, додавајќи дека многу е важно во предвид да ги земат и информациите за тоа колку одредено занимање е побарувано и колкава е веројатноста да обезбеди соодветен работен ангажман по завршување на образовниот процес.

„И годинава потребно е да се обрне внимание на техничките струки, особено на инженерството, градежништвото, производството, како и на природните науки и математиката“, изјави Ристовски, посочувајќи дека процентот на студенти кои одбрале технички и природно-математички науки во 2015 година изнесувал 31, што претставува зголемување од 10 отсто споредено со 2010 година.

Согласно одлуката на Владата на Република Македонија лицата кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, а студентите кои ќе се запишат како редовни студенти во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, во денарска противвредност. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија, ќе плаќаат 100 евра годишно, во денарска противвредност.

Конкурс за упис на јавните високо образовни установи во академската 2016/2017 година.