Вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше промовирана графичката новела „Витези од соседството“ на сценаристот Јордан Коцевски и илустраторот Дарко Богданов.
„Витези од соседството“ е стрип со урбана содржина, кој главните личности ги става во неочекувани ситуации. „Витезите“ се обични млади луѓе кои се обидуваат да го донесат соседството во стариот сјај, исчистен од проституција и дилери.
„Стрипот „Витези од соседството“ е една урбана приказна за млади луѓе коишто се наоѓаат од една обична ситуација во сосема несекојдневна, и мора да се соочат со последиците од одлуките кои што ги носат избрзано. Станува збор за графичка новела, за стрип што е една целосна приказна, се простира на 50 страни, вклучувајќи го и екстра материјалот. Се започна со еден обичен расказ кој што го прочитав од мојот пријател Хиро Шимада од Америка и му реков дека има потенцијал да стане стрип. Веднаш го исконтактирав Дарко, му ја кажав мојата замисла, а тој се сложи да го црта.“ – изјави сценаристот Јордан Коцевски.
„Беше голем предизвик, затоа што имаше зададен рок да се направи, тоа беше најтешкото нешто и макотрпната работа, но мислам дека се исплати. Отприлика седум месеци траеше тој процес на изработка, од првата до последната страница, подготовката, буквално се она што требаше да се направи. Секој уметник во принцип никогаш не може да е задоволен, но со оглед на сите околности, со оглед на вложениот труд, се разви и мојот стил на доста повисоко ниво и е појдовна точка за понатамошен развој и што подобар квалитет за некој иден проект“. – изјави илустраторот Дарко Богданов.
Покрај во Охрид, промоции на стрипот ќе бидат одржани и во Домот на култура во Виница на 24ти февруари со почеток во 19:00, и Скопје во Кафе Ли, со почеток во 20:00 часот.
WebOhrid