Второ издание на Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата

Од 25 февруари до 1 март ќе се одржи второто издание на Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата. Свеченото отворање ќе биде во Младинскиот културен центар во Скопје со почеток во 20 часот.

Согласно програмската концепција, Зимскиот поетски фестивал е програмско проширување со кое СВП институција преку едни поинакви програмски активности продочува со својата улога во македонската култура да ги презентираа најзначајните современи поети од светот, но актуелните книжевни достигнувања во македонската поезија.

Зимскиот поетски фестивал во своето прво издание понуди поинаков пристап во концепцијата, во труктурата, во начинот на презентација, но и во целната публика и во многу други нешта. Ставајќи во фокусот четворица автори чие творештво е врвно по естетските и уметничките вредности во светски рамки, при што низ три различни приоди и се претставени на македонската книжевна јавност: преку издавачки проекти, автопоетички предавања на учесниците и поетски читања и книжевни разговори.

Фестивалот е базиран на издавачката дејност на СВП, на авторите чие творештво е објавено во превод на македонски во престижната едиција „Плејади“. Преку Зимскиот поетски фестивал овозможуваме рецепцијата на нивното творештво да биде поширока и потемелна. Преку академските предавања на авторите, кои се организирани во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како партнер во организацијата на фестивалот, студентите, но и другата академска публика ќе има можност да се запознае со поетичките и естетските аспекти на нивното творештво, но и за интересни книжевни дискусии. Напосле, преку поетските портрети, кои покрај поетските читања вклучуваат и разговори со исклучително информирани модератори, ја продолжуваме нашата мисија, не само во нудењето на квалитетна програма на веќе постоечката, туку и во освојување на нова публика, на нови читатели. Тоа е и основен фокус на овој фестивал – развојот на нова публика.

Овогодишни учесници на Зимскиот поетски фестивал на СВП ќе бидат Ласе Соерберг од Шведска, Хабиб Тенгур од Алжир, Хасан Зактан од Палестина и македонскиот поет Иван Џепароски, како добитник на награда„Браќа Миладиновци“ во 2016 за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик и објавена меѓу две изданија на СВП. Исклучителни творци, актуелни и провокативни со своето творештво, добитници на престижни награди, кои се објавувани на десетити јазици.

Шведскиот поет Ласе Содерберг е веќе објавен од страна на СВП со поетскиот избор „Земјата е сина“ во 2013 година, додека поетскиот избор на Хасан Зактан „Како сламена птица ме следи“ ќе биде промовирана токму на овој Зимски поетски фестивал. Во истата едиција „Плејади“ на СВП за време на овогодишните Струшки вечери на поезија во август ќе биде промовирана и книгата со поетски избор од творештвото на Хабиб Тенгур, како и книгата „Светлината на Света Гора“ од Иван Џепароски во превод на англиски јазик. За ова издание на Зимслиот фестивал СВП објави обемни повеќејазични буклети за секој од учесниците, кои посетителите ќе можат да добијат на настаните, со што же можат да стекнат и посеопфатен увид во нивното творештво.

Во која улога на модератори-соговорници на овогодишните учесници на фестивалот ќе бидат неколку наши професори, книжевни критичари и поети, како академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, проф. д-р Снежана Петрова, проф. д-р Зоран Анчевски и проф. д-р Владимир Мартиновски.

Предавањата на поетите-учесници ќе бидат организирани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а портретите и поетските книтања во салонот „19.19“ на Културно Информативниот Центар (КИЦ) во Скопје.

Во согласност со моќностите и интересот за идната година планирано е проширување на Зимскиот фестивал и на универзитетите во Битола, Штип, Охрид и во Тетово.