Министерството за образование и наука информира дека во соработка со Управата за извршување на санкции и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, се реализираа 8 стручни обуки во казнено-поправните установи. Обуките се спроведуваа со цел овозможување побрза ресоцијализација на осудените лица и нивно полесно вклучување на пазарот на труд после излегувањето на слобода и подобрување на социјалната инклузија на најранливите групи во општеството. Стручните обуки, исто така, овозможуваат стекнување на практични знаења и вештини за различни подрачја на пазарот на трудот.
Обуките за стручно оспособување се реализираа во КПУ „Затвор Куманово“, Куманово и „КУП Затвор Штип“, Штип, при што 74 лица осудени лица следеа и завршија стручна обука во период април 2016 – март 2017 година. 31% од вкупниот број осудени лица кои следел обука се лица на возраст до 29 години, а во однос на степенот на образование , 52% од осудените лица кои следеле стручна обука се со основно образование и без никакви дополнителни квалификации.
Сите осудени лица согласно искажаниот интерес и успешно завршените обуки за стручно оспособување, кои се наменети за работни места со пониски барања, се стекнаа со уверение за стручно оспособување за „бравар“, „пекар“, „аргон заварувач“ и „готвач“. Обуката ја реализираа средни стручни училишта,верификувани од страна на Министерството за образование и наука.
Согласно Законот за стручно образование и обука, учесниците се стекнаа со I ниво на стручни квалификации и државно признати уверенија за стручна оспособеност. Во однос на Законот за Националната рамка на квалификации, учесниците добија уверение за стручно оспособување за нивото II согласно нивоа и поднивоа на квалификациите наведени во Македонската рамка на квалификации, во рамките на „Формално учење“, имајќи предвид дека обуката беше обезбедена од страна на образовни установи кои спроведува обука според одобрени програми од страна на Министерството за образование и наука.
Воспоставената методологија и искуствата од оваа соработка ќе послужат како основа за подготовка на идните активности во оваа сфера, при што ќе се регулира начинот и условите за посетување на стручна обука на лицата кои издржуваат казна, пред излегување на слобода.
Министерството за образование и наука и Управата за извршување на санкции, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации, ќе продолжи да работи во насока на подобрување на условите за полесно вклучување на ранливите категории во образованиот процес и градење на еднакви можности за работа за сите.