Шекеринска: Иванов да го даде мандатот, Груевски да се повлече од насилствата и молбите да остане на власт

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во изјава за медиумите истакна:

„На сите во Македонија и во меѓународната заедница им стана јасно дека однесувањето и на ВМРО ДПМНЕ на власта во заминување, па и на претседателот Иванов под нивен притисок последните денови заедно со сите овие најави за насилство, провокации и поттикнување на поделби во Република Македонија немаат никаква врска ниту со државните интереси, ниту со заштитата на Македонија, а најмалку со интересите на македонските граѓани.

Единствената цел која стои зад пропагандата, незаконските и неуставните одлуки е да се остане на власт и да се спаси од кривичната и криминална одговорност за сериозна корупција и криминал кои ги спроведувале со години и кои ја доведоа Македонија во состојба на длабока криза. Последната потврда за сево ова доаѓа од Брисел каде што последните два дена престојуваше пратеникот кој во исто време е и министер на надворешни работи, Никола Поповски и кој според потврдени веќе информации единственото што го правел е да зборува за неопходноста ВМРО ДПМНЕ да остане на власт или во власта во Република Македонија. Единствената цел за ваквата политика како што споменав е да се остане на власт со цел да се задржи криминално стекнатиот имот и истата елита да продолжи на ист начин да ги краде македонските граѓани.

Да, тоа се истите луѓе кои само пред два месеци донесоа проглас со кој ја повикуваат меѓународната заедница да престане да се меша во македонските работи. Истите кои носеа ваков проглас овие денови разговараат со сите во Брисел, со претставниците на сите европски институции да бараат по секоја цена да останат барем дел од власта. Истите луѓе кои тврдат дека меѓународната заедница не треба да се меша во работите кои се одвиваат во Република Македонија се истите коишто веќе платија според проценките 1.6 милиони евра на лобисти за да влијаат во Вашингтон, тој дел барем го знаеме и коишто прават се само да ја сочуваат сопствената контрола и влијание и учество во власта по секоја цена па и по цена на насилство, па и по цена Македонија да влезе во уште подлабока криза. Ова вакво недржавничко и анти-државно однесување мора да престане.

СДСМ заедно со мнозинството граѓани во оваа држава кои го подржаа концепт едно општество за сите стои на истите позиции дека ова е наша заедничка татковина чија унитарност, чија стабилност и просперитет ќе ја браниме по секоја цена. Затоа уште еднаш го потсетуваме Иванов дека мора да престане со насилството што го прави врз Уставот и демократскиот поредок на Република Македонија. Тој е должен веднаш да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев којшто обезбеди јасно и недвосмислено мнозинство во Македонското Собрание. Македонија мора да излезе од кризата, излезот од таа криза лежи во формирање на нова Влада која ќе ја стабилизира државата, кој ќе ја зацврсти и нејзината унитарност и нејзината сувереност, меѓутоа ќе им даде и чувство на стабилност и сигурност на сите нејзини граѓани. Времето е сега, и Иванов мора да ја почитува својата Уставна обврска.“– рече Шекеринска.