Претставници на Министерството за одбрана, заедно со професионални војници, подофицери и офицери на Армијата на Република Македонија, од понеделник, 20 март до крајот на месец април, во средните училишта низ Република Македонија, ќе го реализираат проектот за Популаризација на воениот позив за служба во Армијата на Република Македонија.
Тимовите составени од професионалци, вработени во Министерството, како и припадниците на Армијата детално ќе ги информираат средношколците за условите за прием во служба на АРМ, нивните обврски, како и големиот број придобивки од службата во АРМ. На интерактивните кратки предавања, средношколците ќе имаат можност да се информираат за сето она што нив ги интересира од областа на професијата – војник. Основната цел на проектот е запознавање на младите лица во Македонија со војничката професија, како и зголемување на нивниот интерес за, најпрво, служење на доброволен воен рок, а потоа и пријавување на огласите за професионални војници и за офицери во АРМ. Со зголемување на бројот на пријавени лица на овие огласи се одржува и зголемува и квалитетот на изборот на идните припадници на Армијата.
Проектот во понеделник започнува со неколку средни училишта во Велес („Јовче Тесличков“, „Димитрија Чуповски“), Прилеп („Ристе Ристески – Ричко“), Центар (Јосип Броз – Тито“), Гостивар („Гостивар“), Струмица („Јане Сандански“) и Штип („Сергеј Михајлов“, „Коле Нехтенин“).
Сите информации за посетата на средните училишта (дата, време) можат да се најдат на веб-страницата на Министерството за одбрана, www.morm.gov.mk, а секојдневно ќе бидат објавувани и на социјалната мрежа Facebook, односно на официјалниот профил на Министерството, Ministry of Defence of the Republic of Macedonia (@modmacedonia).