Во организација на Сојузот за училишен спорт од Охрид, со поддршка од Локалната самоуправа, денеска беше отворена годинашната училишна спортска лига. Во рамките на лигата, ќе се одржат натпревари во футсал, одбојка, пинг-понг, шах и атлетика, на кои ќе учествуваат ученици од основните и средните училишта од Охрид.
Во името на Локалната самоуправа, на отворањето се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид , Ангел Јанев:
„Ние, од Локалната самоуправа во рамките на можностите ја поддржуваме училишната спортска лига, со уверување дека во иднина таа поддршка ќе биде уште поголема. Свесни сме дека, ваквите настани го трансформираат и сфаќањето за улогата на спортот кај најмладите и неговата улога во обезбедувањето на здрава иднина за младите.
Наша заедничка задача е спортските терени, наместо место на нетрпеливост, насилство и навреди, да ги претворивме во простор за почитување, прифаќање и градење пријателства меѓу најмладите. На спортските терени, учениците спортуваат со другарите, се дружат и делат заеднички вредности.
Овој настан не потсетува дека сите треба да придонесуваме да се развива пред се училишниот спорт, зошто тука е основата и расадникот за успешни спортски клубови и поединци. Ги охрабруваме наставниците и професорите по физичка култура да продолжат по овој пат и постојано да ја притискаат општествената заедница да ги поддржува нивните проекти и предлози за што подобро функционирање на наставата по физичко образование и развојот на училишниот спорт“. – рече заменик градоначалникот Јанев.
„Натпреварите, како што во името на органзаторот, Сојузот за училишни спортови,“ рече Јоне Станкоски, ќе се одржуваат во текот на наредните два месеци, а финалните натпревари ќе бидат на 24. Мај- Денот на сесловенските просветители, кога ќе бидат врачени и наградите за најдобрите еипи и поединци.