Македонскиот туристички производ за прв пат промовиран во Загреб

Агенцијата за промоција и поддршка на туризам на Република Македонија за прв пат учествуваше на шестиот меѓународен саем за туризам во Загреб, Хрватска (17-19 март 2017 година).

Репрезентативниот штанд на Македонија беше посетен од хрватско-македонското друштво и македонската заедница од Загреб кои го поддржуваат ова саемско претсавување на македонските туристички дестинации. За реномираната телевизија NOVA, амбасадорот на Македонија во Загреб, Мачеј Качоровски и делегацијата од АППТ дадоа изјави за туристички прилог за оваа локална телевизија од Хрватска.

Претставниците на АППТ остварија контакти со новинари и медиуми со цел промовирање на Македонија на хрватскиот туристички пазар и регионот. Средби се одржаа и со значајни тур оператори, како: BTravel, Elite Travel, PUNIMJEDRIMA, Mediaturist, Marin Travel, заинтересирани за за македонските туристички производи и дестинации атрактивни за потенцијалните хрватски туристи.

Хрватските туристи најмногу се заинтересирани за југозападниот дел од Македонија, како најпознато место го издвоија Охрид и националните паркови од овој регион. Освен интересот за авантуристички одмори во Македонија, тие имаат огромни афинитети за македонската традиционална кујна и вино.

Меѓународниот саем за туризам во Загреб “Place2Go” секоја година го зголемува бројот на излагачи, оваа година имаше повеќе од 180 учесници од 20 земји и околу 15000 посетители.