Свечено потпишување на договори со грантистите од АБД Грант шемата

Постојаната работна група за регионален рурален развој (СВГ) утре во Ресен свечено ќе ги потпише договорите со грантистите од Вториот повик од АБД Грант шемата за прекуграничниот регион Преспа. Во рамки на овој настан ќе бидат потпишани вкупно десет договори со шест апликанти од Македонија и четири од Албанија со вкупна вредност од 64.729 евра.

Грантовата шема беше спроведена од страна на Постојаната работна група за регионален рурален развој (СВГ) во рамки на проектот „Рурален развој преку интегрирано управување со шумските и водните ресурси“ кој се спроведува во соработка со германското Здружение за меѓународна соработка (ГИЗ), а е финансиски поддржан од германското сојузно Министерство за економски развој и соработка (БМЗ). Целта на Грантовата шема е поддршка на мали проекти во прекуграничните региони Преспа и Шара, овозможувајќи остварување на приходи преку промовирање на одржливо користење на природните ресурси, унапредување на процесите на производство, технологијата и квалитетот на производите и услугите преку интегрирано управување со шумските и со водните ресурси. Посебен акцент беше ставен на економските активности на жените и на младите во прекуграничните подрачја.

Промовирањето и координацијата на грантовата шема на ABD во прекуграничните региони Преспа и Шара беа овозможени преку пристапот на ABD во рамките на проектот „Унапредување на регионалната соработка и рамномерен територијален развој на државите од западен Балкан во процесот на интеграција кон ЕУ“, кој е финансиран од Европската унија.