Претседателот на Комисија за образование на СДСМ, Петар Атанасов, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Почитувани граѓани,
Oвој јуни нема да биде најстресниот месец во годината за учениците, наставниците и родителите.
Новата Влада, уште на првата владина седница ќе го укине нелогичното екстерно тестирање, кое што освен притисоци врз учениците и казни за наставниците, не донесе ништо добро на образованието.
Квалитетот на образованието ќе го обезбедиме според меѓународни практики, но и со домашен ум и умеење, единствено по пат на мотивација и награди.
Подготвени сме на големи промени. Ќе направиме крупни реформи за обезбедување вистински, успешен, модерен, европски образовен модел.Помалку предмети, настава соодветна за возраста и потребите на младите, наставници ослободени од административни обврски, посветени на учениците.
Квалитетот на наставата е врвен приоритет, затоа што обезбедува уште од мали нозе создавање здрави и зрели личности, кои потоа ќе придонесуваат за развој на општеството. Потребен ни е развој. Во сите делови на Македонија.
Во основното образование, во првите 5 години ќе има само описно оценување. Оценки ќе има во следните 4 години. Бројот на ученици во паралелка ќе го намалиме на 25 ученици во просек.
Во средното образование, покрај класичното четиригодишно гимназиско и стручно образование, ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Така, оние кои сакаат побрзо да се вклучат во пазарот на трудот, нема непотребно да ги задржуваме во образовниот систем.
Новата Влада ќе ги врати и ќе ги почитува автономијата и достоинството на универзитетите. Ќе ги преиспитаме дисперзираните студии. Ќе помогнеме да се приспособат студиските програми со потребите на општетството. Државата ќе им помогне на студентите во поматамошното дошколување, но и наоѓање работа.
Никогаш повеќе нема да дозволиме да се вршат експерименти врз учениците и да се носат ад-хок решенија кои одат на штета на учениците, студентите, наставниците и професорите, како што беше пракса досега.
На учениците, наставниците, професорите им е неопходна нова реформска Влада.
Очекуваме во најкусо време претседателот Зоран Заев да го добие мандатот и новата Влада да почне да работи во интерес на сите граѓани.“– рече Атанасов.