На покана од Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Рекс Тилерсон, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски, на 22. март. 2017., учествуваше на Состанокот на министри за надворешни работи на земјите-членки на Глобалната Коалиција за борба против ИСИС, што се одржа во зградата на Стејт департментот на САД, во Вашингтон.
На состанокот, претставниците од 68-те членки на Глобалната коалиција, констатираа дека е постигнат напредок во борбата против Исламската држава, но и дека се потребни дополнителни заедничките напори и активности за справување со овој предизвик.
Беше укажано дека е неопходна зајакната соработка во однос на неколку суштински сегменти – споделување на финансиските обврски меѓу партнерите, оневозможување странски борци од земјите на Коалицијата да се вклучат во воените дејствија и интензивирање на соработката меѓу безбедносните структури.
Учесниците нагласија дека е особено значајна меѓусебна координација и поддршка за победа на терен, но подеднакво и на Интернет, за да се спречи радикализација на поединци и групи во нашите општества, како и евентуалното инфилтрирање на терористи меѓу бегалците.
Еден од главните аспекти на заедничката борба против ИСИС е и хуманитарниот аспект што опфаќа меѓународна помош за нормализација на елементарни услови за живот во засегнатите региони преку обезбедување здравствена заштита, храна, вода, образование, за раселените лица, како и за враќање на бегалците.
Министерот Попоски нагласи дека Коалицијата најверојатно, наскоро, ќе ја добие воената битка против ИСИС, но најголем предизвик и натаму останува дерадикализацијата и обесхрабрувањето на потенцијалните борци да се инволвираат во активностите на Исламската држава
На маргините од состанокот, Министерот Попоски оствари средби со повеќе негови колеги, меѓу кои со Државниот секретар Тилерсон, со министрите за надворешни работи на Турција, Литванија, Унгарија, Словенија, Шведска, Албанија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина и други.
Во Вашингтон, Министерот Попоски оствари средби и со неколку конгресмени од Американскиот Конгрес.
Министерот Попоски го посети Националниот демократски институт (NDI), а учествуваше и на тркалезната маса за регионални предизвици, што се одржа во просториите на Обединетата Македонска Дијаспора, во Вашингтон.