Меѓународниот ден на театарот – 27 март, денеска низ светот ќе се одбележи со претстави и читање на пораките за сценската уметност. Француската филмска и театарска актерка, 64-годишната Изабел Ипер е автор на светската порака, а македонската порака ја напиша Благој Мицевски, костимограф, режисер, уметнички директор на Народниот театар од Битола.
„Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како се вели: „Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија“, вели Ипер.
Меѓународниот ден е проект инициран од ИТИ – Интернационалниот театарски институт, меѓународно здружение на УНЕСКО основано со цел да се поврзат театарските работници и полесен проток на информации меѓу нив.
„За мене театарот е „оној другиот“, тој е дијалог, тој е отсуство на омраза. Пријателство меѓу народите – не знам што тоа точно значи, но верувам во заедницата, во пријателството меѓу публиката и актерите, во трајното единство меѓу народите кои театарот ги спојува – преведувачи, едукатори, костимографи, декоратери, професори, практичари и публика. Театарот нè штити, нè засолнува… Јас верувам дека театарот нè сака… онолку колку што ние го сакаме“…, нагласува Ипер.
Таа во пораката се осврнува на историјата на тој уметнички проект, но и објаснува што нејзе ѝ значи театарот и колкава важност има во општеството во кое живееме.
„Еве веќе 55 години, секоја година во пролет се собираме за да го прославиме Светскиот ден на театарот. Само еден ден, само 24 часа за да се прослави театарот во целиот свет, почнувајќи од Но и Бунраку театрите, преку Пекиншката опера и Катукали, задржувајќи се меѓу Грција и Скандинавија, од Есхил до Ибсен, од Софокле до Стриндберг, меѓу Англија и Италија, преку Сара Кејн и Пирандело, а тука е и Франција меѓу останатите, и Париз кој како светски град и понатаму дочекува најголем број театарски групи од целиот свет.
Нашите 24 часа од Франција нè водат во Русија, од Расин и Молиер до Чехов, а оттаму преку Атлантикот во некој кампус во Калифорнија каде млади луѓе можеби повторно ќе го измислат театарот. Бидејќи театарот секој пат повторно се издигнува од својата пепел; се ослободува од старите конвенционалности заземајќи некоја модернистичка форма: тој така останува жив.Театарот има плоден живот кој им пркоси на просторот и времето; најсовремените пиеси се потпираат на достигнувањата од минатите векови, а дури и најкласичните репертоари стануваат модерни и витални кога повторно ќе се постават на сцена“, истакнува Ипер.
Вели дека доволно е да се каже дека „театарот е гола сцена од некое неодредено време“ – сè што и треба е актер или актерка. – Што ќе прават, што ќе кажат, ќе зборуваат ли… Публиката чека и ќе дознае. Конечно, без публика нема театар– тоа никогаш да не го заборавиме. И само еден човек е публика. Но, да се надеваме на помалку празни столчиња, апелира Ипер.
Во македонската порака Благој Мицевски вели дека театарот е рудник во кој уметниците секојдневно се спуштаат длабоко во окното на своето тело и душа и си посакуваат среќа. Таму го наоѓаат своето богатство, за потоа, секојдневно исправени пред публиката да кажат: „Еве ме, тука сум, сум бил и ќе бидам!“
„Многумина, исто така, ќе речат дека театарот има моќ да го менува светот на подобро. Сведоци сме дека тоа не е така, но, сепак, театарот има моќ да го менува човекот, да создава подобри светови од оној во којшто секојдневно живееме, да создава слики што порано не сме ги виделе, јазик што сите го разбираме и на кој заедно се смееме или плачеме „- истакна Мицевски.
Според него, театарот е храна и тоа онаа многу популарната – органска. – Затоа што сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку ѝ подаруваме љубов, а не лажни ветувања. Храна, која иако понекогаш ни го превртува желудникот, нѐ прави да се чувствуваме добро и долго да живееме, вели Мицевски во пораката.