Македонија за првпат ќе стане дел од Извештајот на Европската агенција за безбедност на храната за 2016

Во организација на претпристапната програма на Европската агенција за безбедност на храната- ЕФСА за периодот 2015-2017година, финансирана од Европската комисија, од 22 до 24 март,во Агенцијата за храна и ветеринарство беше одржан експертски работен состанок со претставник на Европската агенција за безбедност на храна – ЕФСА, за собирање на податоци и известување за состојбата со зоонозите и зоонотските агенси во Република Македонија, антимикробната отпорност, за болестите кои се пренесуваат преку храната, за бројната состојба и статусот на болестите кај говедата овците и козите.

Анка Стоическу, експерт од Одделението за собирање на податоци при Секторот за проценка на ризик и научна поддршка во ЕФСА со претставници од Агенцијата работеше на полнење на базата на податоци за бројната состојба на животни – говеда, овци и кози, статусот на болестите Бруцелоза и Туберкулоза кај говедата и за болеста Бруцелоза кај овците и козите, како и за болестите кои се пренесуваат преку храната.
Со комплетирањето на оваа база на податоци, за прв пат, Националниот извештај на Република Македонија, ќе стане дел од Извештајот на Европската агенција за безбедност на храната за 2016 година.