Лауреатот на натпреварот за млади музичари на средба со министерката за култура

Флејтистката Мина Радиќ од Србија победи на 14. Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“, кој од 15-ти до 21 јуни се одржуваше во Охрид.

Годинава 120 учесници од голем број земји се натпреваруваа во музицирање дувачки инструменти, поделени во четири возрасни категории – преткатегорија за најмладите, за основно музичко училиште, за средно музичко училиште и за студенти до 25 години. Втората награда на натпреварот ја освоил Демир Кантуровски (труба) од ФМУ-Скопје, а третата Здравка Василева (труба) од Факултетот за музичка уметност во Пловдив, Бугарија.

Лауреатката Радиќ, членови на жирито и претседателот на Здружението на музички и балетски педагози на Македонија, кое го организира овој натпревар, денеска беа примени од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Посакувајќи и успешна кариера на Радиќ, Канческа-Милевска истакна дека Министерството за култура со задоволство го поддржува натпреварот кој обединува млади репродуктивни музички уметници од светот.

„Натпреварот во Охрид е можност за промоција на талентите во Македонија и нивно запознавање со други таленти од светот, да разменуваат искуства и да напредуваат во својата уметничка кариера. Владата и Министерството за култура даваат силна поддршка на младите репродуктивни уметници. Секоја година издвојуваме од буџетот по 1 милион денари за овој натпревар. Таа поддршка, се разбира, ќе продолжи и во наредниот период,“ рече Канческа-Милевска.

Победничката Радиќ искажа задоволство што учествувала на натпреварот. Првпат е во Македнија и првпат се натпреварува надвор од својата држава.

„Долго свирам флејта и најважно ми е да запознавам луѓе и да создавам контакти. Така и се случи, имаше многу учесници и запознав многумина и од секого дознав нешто. Беше убаво што покрај натпреварот имаше и мастеркласа со професори по флејта и за други инструменти кои се натпреваруваа. Поминавме убаво во Охрид, каде што беше пријатно, и за работа и за дружење“, рече првонаградената Радиќ.

Според претседателот на Здружението-организатор Ѓорги Улишев, натпреварот во 14-те години се повеќе расте и стекнал европско ниво.

„Целта уште на почетокот не ни беше да направиме голем и масовен натпревар на кој ќе дојдат и тие што знаат и тие што не знаат. Се трудевме да одиме на квалитет, а тоа го потврдуваме и со наградите. Имаме признати и еминентни членови на комисијата. Натпреварот е квалитетен, Охрид дава одлични услови за работа“, рече Улишев.

На средбата во Кабинетот на Канческа-Милевска беа и двајца членови на жирито – Миомир Симоновиќ од Белград и Алојз Ковачиќ од Марибор, кои го пофалија овој проект, високото ниво на изведба и добрата организација и условите во кои се организира натпреварот „Охридски бисери“.

Здружението на музички и балетски педагози на Македонија од 2005 година е член на Европската асоцијација на музички натпревари за млади, што овозможува промовирање, вмрежување и поврзување на учесниците, концертирање, посета на мастеркласи за професионално надоградување, стипендии за школувања…