Од почетокот на 2017 година, во Народната банка на Република Македонија почна да работи системот за прекугранични плаќања во евра, преку поврзување на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 (Trans-European Automated Real-time Gross settlement Express Transfer system) на Евросистемот.
За оваа цел, се изврши надградба на МИПС на НБРМ за извршување на плаќањата во евра и се воспостави врска со платниот систем ТАРГЕТ 2, преку централната банка на Италија. Со тоа, МИПС прерасна во двовалутен платен систем за плаќања во денари и во евра.
Со овој проект целосно се оствари препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, покрај кореспондентското банкарство, од проектот ИПА „Оценка на потребите на НБРМ“, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки членки на Евросистемот.
Така, деловните банки во Република Македонија, коишто имаат дозвола за работење со платен промет со странство и коишто имаат отворено сметки во евра во МИПС на Народната банка, ќе имаат можност за прекугранични плаќања во евра за своите клиенти (правни и физички лица) преку најбрзиот и најбезбедниот платен систем во Европа ‒ системот ТАРГЕТ2.
Крајната цел на овој проект е побрзо и посигурно да се извршуваат прекуграничните плаќања во евра и да се намалат трошоците за нив, од што пошироката економија би имала придобивки, вклучително компаниите и домаќинствата.
Проектот, по својата суштина, претставува втора генерација реформи во областа на платежната инфраструктура, по првата значајна реформа на платниот промет во 2001 година. Со остварувањето на овој проект се постигна повисоко ниво на платежна интеграција на Република Македонија во платежната инфраструктура на Европската Унија и претставува еден голем чекор напред кон приближување на стандардите на работа на Народната банка до стандардите на работа на централните банки членки на Европската Унија.
Народната банка, во следниот период, ќе преземе активности за промоција на новиот систем за прекугранични плаќања во евра. Во тие рамки, новиот систем најпрвин ќе биде претставен пред банкарскиот и бизнис-секторот во Република Македонија, на промоција којашто ќе се одржи денес во просториите на Народната банка. Активностите во следниот период ќе бидат насочени кон промоција на системот пред пошироката јавност, заради поблиско запознавање на граѓаните со можностите за користење на овој нов канал за извршување на прекуграничните плаќања.