Република Македонија доби дозвола од ЕУ и за извоз на говедско месо

Македонија и официјално е ставена на листата земји кои може да извезуваат свежо говедско месо во Европската унија, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.

„Од 7 март, кога Македонија е и официјално ставена на листата, нашите компании од месната индустрија и кланиците може да извезуваат говедско не само во земјите на ЕУ, туку и во трети земји. Ова значи освојување нови пазари, но и шанса повеќе за реализирање нови домашни и странски инвестиции во секторот“, истакна Поповски.

Веќе има информации, додаде, дека странски компании се заинтересирани за влез во примарното производство.

„Бројот на говеда во земјава се зголемува. Се увезуваат се повеќе високопродуктивни млечни раси, а ова е можност да се зголемат и висококвалитетните товни раси. Потенцијалот е огромен,“ потенцира Поповски.

Одговорајќи на новинарски прашања, подвлече дека во Македонија не се намалува ниту бројот на живина, а фармите ги задоволуваат и домашните потреби за свежо свинско месо.

Од јануари годинава Македонија е ставена и на листата за извоз на конзумни јајца, живина, живинско месо и риби на пазарите во ЕУ. Почната е постапка и за извоз на производи од риба, додека за извоз на свинско месо и производи од свинско е неоопходно земјава да добие статус на слободна од болеста класична свинска чума и да ја прекине политиката на вакцинација на свињите против оваа болест.

Со цел модернизација и осовременување на своето работење, додаде директорот Поповски, Агенцијата набави вкупно 42 автомобила и едно теренско возило, 197 лап-топи, 35 мултифункциски печатачи, две машини за копирање, заштитна облека, термометри, дата логери, ПХ мерачи и заштитни маски. Промовирајќи ја опремата, тој истакна дека досега Агенцијата беше на ниво на институциите на ЕУ, но сега е речиси во рангот на најсофистицираните.

„АХВ постојано го јакне административното работење, а сега, со новата опрема, согласно највисоките европски и светски стандарди, практично овозможува уште попрофесионално функционирање на инспекциските служби, ефикасни и ефективни контроли за потребите на компаниите и граѓаните“, потенцира Поповски.

Возилата и опремата се купени со околу еден милион евра, средства од програмата ИПА 2012.

Во однос на последниот случај на каснување од куче во скопско Катланово, Поповски кажа дека официјален ветеринар врши контрола на терен по вчерашниот напад на куче во ова населено место. Според него, не станува збор за куче скитник, туку за куче кое има стопан.

Тој информира дека се уште се следат и кучињата во кичевското село Бачишта. За сега испитувањата покажаа дека кај нив нема знаци на беснила.

„Беа изолирани и ставени под официјален надзор сите кучиња кои извршија напад, тие уште се следат зашто периодот на изолација трае 15 дена, првиот, седмиот и 15-от треба да се види дали пројавуваат какви било симптоми на беснило. До овој момент нема такви симптоми“, информира Поповски и додаде дека AХВ ќе ја интензивира соработката со општините за изградба на прифатилишта за бездомни кучињa.

Надзор е извршен и врз кучето во Неготино кое, исто така, касна дете. Процедурата продолжува со вакцинирање на кучињата против беснило и нивно идентификување со микро чип.