Од денес се во продажба билетите за финалето на Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.
„Билетите ќе можат да се набават во Music Shop ZZ Top, „Тамаро 5“ маркетoт на Булевар „Туристичка“ кој работи 24 часа и во студиото на Супер радио. Со нив публиката ќе може да се гласа за својот фаворит во финалето кое ќе се одржи во недела на 9-ти април со почеток во 10:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Жири комисијата ќе го одбере најдобриот кој ќе ја добие паричната награда од 2.000 евра, гласовите од публиката ќе одлучат кој ќе ја добие наградата од продуцентот Даниел Јовески – песна и видео спот во негова продукција, Супер радио ќе одбере еден од учесниците за радио водител, а уште еден талент ќе започне своја емисија на О2 телевизија. На билетите се наведени имињата на сите седум кандидати кои влегоа во финалето. Посетителите ќе треба да го заокружат името на еден фаворит и да го остават во посебно обележаните кутии во фоајето при Центарот за култура. И за финалето останува правилото дека едно лице ќе може да стави само еден билет во кутијата“, информираат организаторите.
Во неделата се одржа и полуфиналната вечер, кога 7 најдобри го обезбедија билетот за финалето каде ќе се натпреваруваат: Емилија Петровска, Ирма Гогова, Андреа Јованоска, Ивана Коскоска и Билјана Буџакоска, како избор на жири комисијата и танцовата група „The Passengers“ и Светлана Вељаноска како избор на публиката.
Финалето на Ohrid SUPERSTAR ќе се одржи во недела, на 9-ти април со почеток во 10:00 часот во големата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.